(Фото) ЕВН Македонија го започна проектот „PULSE“ за јакнење на улогата на жените во енергетската транзиција

Во просториите на ЕВН Македонија, во присуство на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, беше означен почетокот на проектот ПУЛС – Жените двигатели на енергетската транзиција, кој е насочен кон јакнење на улогата на жените и унапредување на родовата инклузивност во енергетскиот сектор.

Со поздравно обраќање, настанот го отвори Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Волфганг Маиер, истакнувајќи ја важноста на инклузивното лидерство за успешна и одржлива енергетска транзиција.

На настанот се обрати и министерката Божиновска, која го поздрави стартот на проектот и иницијативата на ЕВН активно да поттикне што поголема вклученост на жените во енергетскиот сектор. Таа истакна дека ваквите проекти се од суштинско значење за создавање порамноправна, поиновативна и поотпорна енергетска иднина.

Претседателката на Надзорниот одбор на ЕВН Македонија, Александра Витман, преку видео обраќање ги поздрави присутните и ја нагласи долгорочната посветеност на ЕВН Групацијата кон родовата еднаквост и разновидност како и поддршката од Надзорниот Одбор на оваа значајна иницијатива.

Таа истакна дека искористувањето на различните перспективи и таленти е клучно за градење одржлив енергетски систем, при што жените – како вработени и носители на одлуки – имаат суштинска улога во успехот на организацијата. Исто така г-ѓа Витман ја подвлече важноста од активна вклученост на сите вработени, со мажите како клучни сојузници во градењето инклузивна и успешна организациска култура.

Проектот PULSE беше презентиран од страна на Анета Петровска-Русомароски, раководител на Одделот за иновации, одржливост и заштита на животната средина во ЕВН Македонија. Тој опфаќа повеќе меѓусебно поврзани активности, меѓу кои регионални и меѓународни соработки, анализа на родовата рамноправност, менторска програма, инклузивно лидерство, средби со заедницата и создавање мрежа на жени, со цел систематски и долгорочно да се зајакне резилиентноста и учеството на жените во енергетската транзиција.

Настанот заврши со инспиративна и мотивирачка дискусија на тема „Лидерство, искористување на сопствениот потенцијал и врвните перформанси низ професионалните и животни патеки“, во кој учествуваа проф. д-р Сашко Кедев и Анета Петровска-Русомароски.

Преку лични и професионални искуства, Кедев – интервентен кардиолог и алпинист – зборуваше за предизвиците, издржливоста, автентичноста, мотивацијата и храброста да се преземат конкретни чекори во животот и кариерата, испраќајќи силна порака за лична и колективна одговорност, истрајност и охрабрување.

Со овој проект, ЕВН Македонија уште еднаш ја потврдува својата заложба да биде активен чинител на позитивни промени, градејќи енергетски сектор во кој еднаквоста е темел за одржлива иднина.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести