Филип Андов – Сокол, поранешниот директор на затворот „Скопје“ во Шуто Оризари е осуден на осум месеци затвор, информираа од Основниот кривичен суд Скопје.
Според Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Андов заедно со двајца полициски службеници, како соизвршители, беше обвинет за продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Со случајот беа опфатени повеќе затворски надзорници и полициски службеници.
На П.А., исто така обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување, му е изречена условна осуда од шест месеци затвор, која нема да се изврши доколку во рок од две години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.
Обвинетиот Ѓ.Р. е огласен за виновен за кривичното дело несовесно работење во службата и му е изречена условна осуда од три месеци затвор, со рок на проверка од една година.
Иста казна, условна осуда од три месеци затвор со рок од една година, судот му изрече и на обвинетиот С.П. за истото кривично дело.
За Т.Н., кој беше обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување и за несовесно работење во службата, судот утврди единствена санкција – условна осуда од осум месеци затвор, која нема да се реализира доколку во наредните три години не стори ново кривично дело.
Обвинетиот Е.О. е осуден за несовесно работење во службата и му е изречена условна осуда од шест месеци затвор, со рок на проверка од две години, додека обвинетиот К.В. доби условна осуда од три месеци затвор со рок од една година.
Пресудата не е правосилна и странките имаат право на жалба до Апелациониот суд Скопје.
Според обвинението на ОЈО ГОКК, во периодот од март до јули 2024 година, обвинетите со умисла извршиле повеќе меѓусебно поврзани дејствија при вршење на службените овластувања, со што на петмина осуденици им овозможиле незаконски погодности.
Осудените биле спроведувани до своите домови и до други локации за приватни потреби, спротивно на пропишаната постапка за спроведување лица лишени од слобода надвор од казнено-поправна установа.
Истрагата за овој предмет беше отворена во февруари годинава против десет лица, но за две од нив постапката беше запрена поради немање доволно докази.
Фото: Влада














