Економскиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје (УКИМ) изготвија студии за влијанието на ЕВН Македонија во националната економија и енергетика, како и општеството во целина во последните 20 години.
Студиите од двете академски институции се обединети во една заокружена и сеопфатна целина наречена „Бела книга“ на достигнувања. Публикацијата нуди јасен и структуиран увид во трансформацијата на енергетскиот систем, како и улогата на влијанието на ЕВН Македонија врз економскиот и општествениот развој во периодот од 2006 до 2026 година.
Резултатите од социо-економската и енергетската студија сублимирани во т.н. „Бела книга“, беа презентирани на свечена промоција што се одржа во просториите на Филхармонија во Скопје, во присуството на високи владини функционери, претставници на институциите и академската фела, деловни партнери и соработници.
Настанот го отвори претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Волфганг Маиер, а кон присутните се обратија и претседателот на Собранието, Африм Гаши и министерката за енергетика, Сања Божиновска и претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо.
Свои презентации имаа Мијалче Санта, декан на Економскиот факултет при УКИМ и Александра Крколева-Матеска од Факултетот за електротехника и информациски технологии, по што следеше панел дискусија за клучните наоди.
Согласно наодите од студијата, ЕВН Македонија до крајот на 2026 заокружува инвестиции во вредност од 837,46 мил. евра, генерирајќи 1,4% ефект врз БДП, 95 милиони евра директен придонес, 150 милиони евра годишен економски ефект и 28 милиони евра фискален придонес. Во студијата се потенцира дека целосната добивка на компанијата низ целиот овој период е реинвестирана во македонската економија, наспроти просекот на странските компании кои дури 70% од добивката ја трансферираат надвор од земјата.
Со 928.000 корисници, ЕВН континуирано инвестира во унапредувањето на корисничкото искуство. Покрај 19 Кориснички енерго центри низ државата, компанијата располага со 24/7 контакт центар и е-платформи со целосно дигитализирани кориснички и технички услуги.
Во изминатите две децении, модернизацијата на дистрибутивната мрежа и зелената транзиција претставуваат едни од најзначајните столбови на развојот на ЕВН Македонија. Реализиран е обемен инвестициски циклус со изградба на 5.561 км нова и реконструкција на 3.056 км постојна мрежа, како и со 1.368 новоизградени и 1.761 модернизирани трафостаници. Овие инвестиции резултираа со значително унапредување на ефикасноста и сигурноста на системот, при што загубите во мрежата се намалени од 24% на 14%.
Во делот на обновливите извори на енергија, ревитализирани се 11 мали хидроцентрали со вкупен капацитет од 47 MW и годишно производство од 140 GWh, изградени се 9 фотоволтаични централи со капацитет од 33 MW и производство од 46 GWh, реализиран е батериски систем со капацитет од 10 MW / 20 MWh со дополнителна надградба од уште 20 MWh, а воспоставени се и 120 места за полнење во рамки на проектот за електромобилност.
Во студијата е наведено дека компанијата преку своето работење директно и индиректно поддржува 3.918 работни места, останувајќи посветена на развојот на вработените и општествениот развој, со овозможување на обуки, едукативни кампањи за енергетска ефикасност, волонтерски акции, како и стипендии и дуално образование. Поддршката на општествени проекти и иницијативи останува важен дел од корпоративната одговорност. Компанијата поседува и Изложбен едукативен центар „Матка“ од јавен интерес – посветен на сите идни генерации.
-Во изминатите 20 години, компанијата беше целосно посветена на стратешкиот енергетски развој, давајќи притоа значаен придонес во јакнењето на националната економија, унапредувањето на условите за бизнис-заедницата и модернизацијата на енергетската инфраструктура.
По 20 години работа, значајни инвестиции и силни партнерства, ЕВН Македонија ја продолжува својата јасна и долгорочна визија за модерна, стабилна и одржлива енергетска иднина во земјата, посочија од таму.






















