Сите службени возила со кои располагаат Град Скопје и јавните претпријатија се опремени со GPS уреди и се следат преку современ мониторинг центар, информираше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
„Системот овозможува во реално време да се знае каде се наоѓа секое возило, по која маршута се движи, со која брзина, колку време е во движење, но и колкава е реалната потрошувачка на гориво.
Дополнително, преку специјални сонди се контролира и нивото на гориво, со што директно ги лоцираме нелогичните трошоци и ја оптимизираме работата,“ додава тој.
Ѓорѓиевски информираше дека користи сопствено возило и горивото го плаќа од сопствениот буџет.
Службеното возило кое во минатото го користеле градоначалниците е ставено на располагање за потребите на градот.
Воедно тој информираше дека ЈСП – Скопје во првите шест месеци бележи заштеда од половина милион евра за гориво, со дополнително вклучени 50 возила, споредено со првите шест месеци од истиот период лани.














