Има живот и без Европската унија, кажа хрватскиот претседател Милановиќ по средбата со Сиљановска Давкова во Загреб

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, по средбата со неговата македонска колешка Гордана Сиљановска Давкова, која е во посета на Хрватска, коментирајќи го долгиот европски пат на земјава меѓу друго рече дека има живот и без Европската унија (ЕУ) и дека тој е успешен и достоинствен, посочувајќи дека на Македонија ѝ се поставуваат премногу барања и услови.

„Македонија сама одлучува што е најдобро за неа и кој пат ќе го избере – дали е тоа е патот на просперитет, мир и спокојство за граѓаните на Македонија или вториот, вклучувајќи ги ЕУ и НАТО, кој е фасада, еден вид енергетска обнова. Но, она што ја прави куќата е внатрешноста.

Ова е мое мислење, а не совет. Ова важи и за Хрватска, ЕУ е доградба, но никако зграда. Нашата куќа и традиција се на нашата земја, а ЕУ е добредојдена сезонска приказна додека трае. Тоа е тоа. Има живот и без ЕУ, и тој е успешен и достоинствен“, рече тој, подвлекувајќи дека Македонија сама треба да одлучи за својата судбина и за тоа што е важно за неа – дали е тоа членство во ЕУ по секоја цена, бидејќи, како што посочи, тоа што се бара од земјава во последно време е „по секоја цена“ и повеќе од тоа.

„Им посакувам на Македонија, на Македонците и на политичарите во Македонија сè најдобро и сами да проценат, без туѓо менторство и уште полошо, без туѓа манипулација и управување со видливото и невидливото, што е добро за нив, бидејќи тоа се случува предолго“, рече тој.

И двајцата претседатели констатираа дека патот на Македонија кон ЕУ е неоправдано попречуван и дека од неа се бараат отстапки кои ниту се оправдани, ниту се дел од Копенхашките критериуми.

„Замислете, актот на сувереноста, Уставот, највисокиот закон, закон на законите, општествената повелба на граѓаните треба да се смени. Иако како и во секој устав, и во нашиот пишува дека иницијатива за промена може да покренат претседателот, 30 пратеници, или 150 илјади граѓани, не пишува дека Европската унија, а уште помалку некој од соседите може да го направи тоа“, посочи меѓу друго Сиљановска Давкова, подвлекувајќи дека Македониј добива барања што се однесуваат на историјата, културата, јазикот и на идентитетот, а не на исполнување на Копенхашките критериуми.

Фото: Кабинет на претседателката

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести