Доктор Сашко Кедев доби Орден „8 Септември“, за како што истакна претседателката Гордана Сиљановска Давкова „за сето она што го направи за медицината, за науката, спортот, за меѓународниот углед на нашата земја, но и за македонската демократија“.
„Најмалку што можеме да сториме е да му одадеме признание,“ рече Сиљановска Давкова на доделувањето на признанието во Македонска филхармонија, каде што присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, министри, градоначалници, доктори, планинари, пријатели.
Во своето обраќање Кедев рече дека овој Орден не го очекувал.
„Посебно ме радува фактот што во ова одликување се вклучени неколку сегменти од мојата животна активност. За професионалниот дел, сакам ова одликување да го споделам со сите колеги со кои ја формиравме интервентна кардиологија во Македонија, уште пред повеќе од 30 години. И сите колеги, се знаеме многу добро кои сме, успеавме во земја во која што уште немаше кардиохирургија, да се развива интервентна кардиохирургија. Тоа не беше во тој период прифатливо, после 7-8 години се отвори кардиохирургија.
Меѓутоа нашиот пристап заврши со пионерски резултати, не само во регионот туку и во светски размери, бидејќи овој принцип понатаму се цитираше и во светската литература, дека за да се спаси човечки живот, посебно при акутен срцев удар најдобар начин е интервентна кардиологија. Ние тоа го потврдивме и потоа публициравме,“ рече меѓудругото Кедев.
За одликувањето за академската активност, Кедев истакна дека би сакал да ги стимулира младите доктори, специјализантите уште на почетокот на кариерата да размислуваат да ги објавуваат своите резултати.
„Како член на академската заедница импресионирана сум од неговиот едукативен и научно-истражувачки профил. Фактите говорат дека тој е меѓу водачите, првенците интервентни кардиолози на Универзитетската клиника за Кардиологија но и во другите центри во земјава, како и во бројни престижни меѓународни медицински институции од Канада до Јужна Африка, што од него прават своевиден колумбовски или магелански докторски профил.
Неговиот научен опус е вонсериски во домашен контекст и пошироко. На платформата „Wеb of Science“, има објавено 230 трудови со импакт фактор H-индекс 36 и над 13.650 цитати, бројки кои кажуваат повеќе и подлабоко од зборови и кои што сведочат за глобална препознатливост на неговата научна работа и нејзиното очигледно релевантно влијание врз современата кардио-васкуларна медицина.
Но подеднакво важно, да не забораваме е дека бројките не се проста математика и статистика, туку персонифицираат стотици спасени животи, човечки микрокосмоси, човечки приказни и човечки судбини.
Медицинскиот научен назив открива и тврди дека академик Кедев, вовел револуционерни техники во нашата кардиологија, со што поставил високи стандарди, отворил нови и пошироки хоризонти, давајќи им шанса на илјадници пациенти,“ рече претседателката Сиљановска Давкова.
Одликувањето за искачувањето на 14 врва повисоки од 8.000 мнв, Кедев го смета за национален успех, а најмалку личен, иако во ова успеале само 50-60 алпинисти во светот.
„Најголемата движечка сила што ми даде енергија, да ги надминам сите тие тешкотии е да го однесам македонското знаме, а посебно македонското име на сите врвови,“ додаде тој.
За овој подвиг, Сиљановска Давкова истакна дека Кедев тоа не го направил во младешките денови на бунтовник без причина, туку во зрелата доба како бунтовник со цел.
„Умен, искусен, но се уште детски љубопитен, храбар но внимателен желен за нови подвизи но наоружан со богато искуство, дисциплина и истрајност, придружуван од љубов и среќа.
Во период подолг од две децении Сашко Кедев ги искачи сите 14 највиски врвови, оние небеските, над 8.000 метри како Давид борејќи се со суровата природа, екстремните закани и ризици со кои се соочуваат само најхрабрите.
Победуваше, оти не ја третираше планината како непријателка или посакуван трофеј, туку ја сакаше, почитуваше и ѝ се восхитуваше. Одеше упорен во потрага по непознатото но и по онесознаениот дел од себе и од универзумот, трагајќи по одговори за прашањата за човековата природа.
Како што веќе видовме ги запозна и седумте врвови, највисоките точки на сите седум континенти и за момент живееше со нив, небаре сијамски близнак, беше дел од нив.
Неговите подвизи не само што предизвикуваат чудења и восхит, туку ги преместуваат границите на човечката издржливост и верба, поврзувајќи го физичкото со метафизичкото, општественото со природното, духот и телото, лаичкото и релиогиозното, телесното и платонското,“ додаде претседателката.
Во својот говор таа се осврна и на личноста на Кедев, која, како што рече, ја красат благородност, морален интегритет и хуманост.
„Денешниот настан е ретка можност да му оддадеме признание на човекот чиј живот е воден од стремежот, кон највисоките вредности.Човек и личност чиј што персонален и општествен интегритет ги надминуваат границите на потесната стручна област и се интегрираат во колективната меморија на државата и општеството.
Каде и да оди, и што и да работи во светот тој ја персонифицира на најдобар начин Македонија. Доказ за тоа е и неговиот статус на почесен конзул на Индонезија, плод на неговите неимарски способности во градењето мостови на доверба и партнерство меѓу народите и државите.
Доктор Кедев не е само лекар, вљубен и посветен на медицината и пациентите. Не можеме да говориме за него, а да го занемариме неговиот активен и видлив придонес во развојот на македонската демократија од првите денови на самостојноста и независноста до денес.
Цврсто верувам дека успесите на академик Кедев не се случајност, туку резултат на енормно знаење и сизифовски напори потпрени на цврст морален темел и чиста и длабока духовност. Храброста и неуморноста што ги учел и вежбал во салите за операции, го потикнуваат и водат на највисоките планински врвови, а вербата во правдата и моралот го инспирираат и придружуваат во општествената битка за подобро, поправедно демократско општество.
Секогаш кога е потребно, гласно, чесно и одговорно да се проговори тој е тука, дома. Биографијата на академик Кедев е поучен пример за секој од нас, но и добар прирачник за идните генерации. Таа е доказ дека успесите не се ниту привилегија, ниту случајност туку логичка последица и заслужена награда за енормните, надчовечки напори на човек со голема буква,“ заврши претседателката.
Фото/еМагазин.мк














