Историските прашања остануваат услов на патот кон евроинтеграцијата-Европскиот парламент го усвои Извештајот за Македонија

Со 411 гласа „за“, 120 „против“ и 120 „воздржани“, Европскиот парламент денеска го усвои Извештајот за Северна Македонија за 2025 година, подготвен од известувачот Томас Вајц.

Во рамки на гласањето беше отфрлен и амандманот 3, предложен од Вајц, со кој се бараше бришење на ставот 73 од идната резолуција. Ставот 73 го повикува Заедничкиот мултидисциплинарен експертски комитет за историски и образовни прашања да постигне јасни и опипливи резултати, врз основа на објективни, автентични и докажани историски извори и документи, во согласност со Вториот протокол. Во текстот останува и формулацијата за заедничка историја.

Во извештајот се нагласува дека Северна Македонија треба да ги исполни преземените обврски поврзани со уставните измени, при што се потсетува на ставот на Советот на Европската Унија дека следната меѓувладина конференција ќе може да се одржи по спроведувањето на потребните уставни промени.

Европратениците посочуваат дека напредокот на земјата во евроинтегративниот процес останува условен од конкретни чекори и реформи, при што уставните измени се издвојуваат како еден од клучните предуслови за натамошно придвижување на пристапните преговори.

Фото/Игор Бансколиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести