Струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, заедно со уште 22 физички и 15 правни лица со незаконски дејтвија го оштетиле македонскиот буџет за околу 90 милиони евра, информираа денеска од Основното јавно обвинителство, од каде споделија детали за истрагата за овој случај.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Според Обвинителството постои основан сомнеж дека овие фирми поврзани со Крмзов изготвувале лажни фактури со цел преку поврат на ДДВ да извлечат пари од државата, а сумата што успеале да ја инкасираат по тој основ е околу 37 милиони евра.
Крмзов, управителите на фирмите поврзани со него и физичките лица се осомничи за кривичните дела – злосторничко здружување, даночно затајување и перење пари, а истите ги сториле во периодот од 2019 до 2024 година.
Според Обвинителството, постоеле три начини преку кои фирмите поврзани со Крмзов извлекувале државни пари преку поврат на ДДВ, а главниот бил преку фиктивна купопродажба на недвижнини помеѓу самите фирми, односно околу 90 отсто од финансиските злоупотреби биле направени на овој начин.
Деловните простории што фирмите си ги препродавале меѓу себе достигнувале суми од 4 илјади евра за метар квадратен па сè до дури 20 илјади евра за метар квадратен, без притоа пари да легнат на сметката на фирмата продавач. Според Обвинителството, фирмите немале меѓусебни должничко-доверителски односи и сè останувало само на хартија, а фирмата купувач од своја страна поднесувала документи за поврат на ДДВ, кој им бил исплаќан, иако за тоа немало основа.
Другиот начин преку кој се барал и бил исплаќан поврат на ДДВ бил преку даночни гаранти, со преземање обврски од други даночни обврзници, односно правни лица помеѓу кои не постоеле должничко доверителски односи.
Третиот начин бил преку пријави за уништена градежна механизација.
Парите од повратот на ДДВ, според Обвинителството, дел од фирмите ги користеле за исплата на плата, плаќање комуналии, давање заеми, купување стока од Кина и Турција…
Со истрагата се опфатени и осум државни службеници, инспектори во Управата за јавни приходи (УЈП), кои според Обвинителството, им овозможиле на фирмите поврзани со Крмзов да добиваат пари од поврат на ДДВ, иако документите што биле приложувани во струмичката подружница на УЈП биле лажни. Тие се осомничени за кривичното дело – несовесно работење во служба и за нив се води скратена постапка.
Осомничени се и сметководители од две фирми кои го воделе сметководството на фирмите поврзани со Крмзов, кој доби 30 дена притвор.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов доби 30 дена притвор