Како работела МРТ лани

Вкупните приходи на јавниот сервис Македонската радио-телевизија (МРТ) лани изнесувале 1.37 милијарди денари, што е забележително зголемување во однос на претходните години, покажува Анализата на пазарот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

На што трошела МРТ лани

Јавниот сервис во 2024 година работел со добивка во износ од 87,81 милион денари, што е најдобар финансиски резултат остварен во последните шест години.

-Во периодот од последните шест години вкупните приходи на МРТ имаат променливи вредности, со постојано намалување и зголемување од година в година. Во 2024 година вкупните приходи се за 36,49 % повисоки отколку во 2023 година.

Зголемувањето во најголема мера се должи на средствата што во анализираната година се префрлени од државниот буџет, а наменети за финансирање на радиодифузната дејност.

Во 2024 година, за првпат по речиси седум години, од државниот буџет во целост беа префрлени законски предвидените средства, со што се надмина еден од најсериозните проблеми со кој македонскиот јавен радиодифузен сервис се соочуваше повеќе години.

Имено, од 2017 година (кога со законски измени беше утврдено дека место радиодифузната такса, основен извор на финансирање на МРТ ќе биде државниот буџет), па сè до 2024, во секоја година Владата префрлаше помалку средства отколку што беше утврдено со ЗААВМУ, користејќи ја одредбата од измените на Законот во 2018 година, според која пропишаните проценти од државниот буџет што треба да се издвојат за финансирање на радиодифузната дејност „ќе се реализираат доколку со тоа не се нарушува праведната распределба на буџетските средства и не влијаат врз средствата планирани за сите буџетски расходни ставки“.

Оваа одредба беше избришана со измените на ЗААВМУ од јули 2023 година, стои во анализата.

Сепак, споредбата на вкупните приходи на Македонската радио-телевизија со приходите што во истата година ги имале јавните сервиси во Хрватска, Србија и Словенија покажува дека нашиот јавен сервис располагал со забележително помалку средства, и тоа девет пати помалку од Хрватската радио-телевизија (HRT) и по над шест пати помалку од Радиотелевизија Србија (РТС) и Радио-телевизија Словенија (RTSlo).

-Во анализираната година, на сметката на МРТ од државниот буџет се префрлени и 80 милиони денари врз основа на потпишан договор за вонсудска спогодба со Министерството за дигитална трансформација. Станува збор за дел (прва рата) од неисплатените средства за финансирање на радиодифузната дејност за 2023 година, во вкупен износ од 235,02 милиони денари.

За постигнување и одржување поголем степен на програмски и техничко-технолошки развој на јавниот радиодифузен сервис, согласно член 105 став 7 од ЗААВМУ, од државниот буџет се издвоени и дополнителни средства во износ од 97 милиони денари.

Учеството на приходите од рекламирање (во вкупен износ од 34,04 милиони денари) во вкупните приходи на МРТ изнесува 2,49 %. Овој приход е остварен од продажба на времето за рекламирање при емитување позначајни спортски настани за кои МРТ ги имаше обезбедено правата за емитување – Летните олимписки игри во Париз, Лига на шампиони, УЕФА-првенства во фудбал и други програмски содржини, стои во анализата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Колкави приходи имале Алфа, Алсат-М, Канал 5, Сител и Телма лани

Како работеле телевизиите 24, Наша, Шења, ТВ 21 и Сонце лани

Како работеле Алфа, Алсат-М, Канал 5, Сител и Телма лани

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести