Компанијата „Агриа“ за прв пат извезе свинско месо од Македонија за Албанија

Компанијата „Агриа“ од Велес го реализираше првиот извоз на свинско месо од Македонија во Албанија, со што најголемиот македонски производител на свинско месо започна со пласман на своите производи на странски пазар.

Како што информираат од компанијата, во Албанија се извезени првите седум тони свинско месо.

„Ги извезовме првите седум тони свинско месо на пазарите во Албанија. Ова е прв извоз на свинско месо од Македонија во оваа држава, но и воопшто прв извоз на свинско месо од Македонија. Затоа има значење не само за нас како компанија, туку и за македонската економија“, изјави Томислав Колевски, директор во „Агриа“.

Овој извоз претставува значаен чекор за македонското производство на свинско месо, имајќи предвид дека досега Македонија немала реализирано извоз на свинско месо на странски пазар.

Од компанијата посочуваат дека со отворањето на албанскиот пазар се создава можност за натамошно проширување на пласманот во соседството и за поголема афирмација на македонското земјоделско и прехранбено производство.

„Агриа“ е позната по производството на свинско месо, а во рамките на компанијата функционира и фабрика за производство на добиточна храна. Компанијата има и фарма за производство на говедско месо, како и производство на сувомесни производи.

Првиот извоз во Албанија отвора ново поглавје за компанијата, но и претставува важен сигнал за потенцијалот на македонските производители да се позиционираат на регионалните пазари.

Фото/Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести