(Фото) Се купувале артикли со повисоки цени од пазарните, како и душеци поголеми од креветите: Што откри ДЗР во студентскиот дом “Пелагонија“

Државниот завод за ревизија (ДЗР) извршил ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Државниот студентски дом (ДСД) „Пелагонија“ Скопје за 2024 година, информираа од таму.

Со извршената ревизија, ревизорите утврдиле неправилности и неусогласености во работењето на домот кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставени политики на сметката на основниот буџет и сметката на буџетот од самофинансирачки активности.

-Со ревизијата е утврдено дека во материјалната и сметководствената евиденција на студентскиот дом не се евидентирани одредени постојани средства и не е извршено усогласување на сметководствената и материјалната евиденција, ниту се преземени активности за проценка на вредноста, обезбедување имотен лист и евидентирање на земјиштето под зградата, кое е дадено на користење на домот.

Констатиравме дека во евиденцијата на домот не е евидентирана опрема во износ од 21.563 илјади денари при што еден дел од опремата за кујна која е набавена и платена од страна на надлежното министерство не се уверивме дека е примена во домот.

Исто така, не е евидентирано побарување по правосилна судска пресуда во износ од 1.127 илјади денари, ниту се преземени мерки за наплата, што влијае врз реалното прикажување на финансиските извештаи, велат од таму.

Од ДЗР утврдиле и недоследности во процесот на планирање и спроведување на јавните набавки и реализација на склучените договори.

-Со ревизијата на јавните набавки за свежо месо од 2023 година, преработки на месо, месни производи и риба од 2023 и 2024 година, како и земјоделски производи од 2023 година, ревизорите утврдија дека најчесто е доставена само една понуда, а договорите се склучувани во висина на проценетата вредност без однапред дефинирани количини.

Кај редовно набавуваните артикли понудените цени се повисоки од пазарните, додека кај артиклите што не се набавуваат се понудени нереално ниски цени, без да се побара дополнително образложение од економскиот оператор.

Исто така, утврдено е и надминување на договорените вредности кај дел од договорите, што укажува на недоволна контрола и неекономично користење на јавните средства.

Кај набавката на леб и брашно од 2023 година, договорот е склучен со понудувач чија основна дејност не е поврзана со предметот на набавката, а на ревизијата не ѝ беше презентирана задолжителната банкарска гаранција за квалитетно извршување на договорот, што упатува дека договорот е склучен без нејзино доставување.

Дополнително, иако договорената цена за леб изнесувала 57,46 денари по килограм, при реализацијата економскиот оператор фактурирал едно парче леб како килограм, што поради слабите внатрешни контроли било откриено дури кон крајот на 2024 година.

По воведувањето дневна евиденција, месечните фактури во 2025 година се значајно намалени во однос на 2024 година.

Ревизијата утврди и дека со новиот договор во 2025 година цената на лебот достигнала 126 денари/кг, што е значително над пазарната цена од околу 70 денари/кг, што укажува на неекономично користење на јавните средства и слабости во контролата на јавните набавки, велат од таму.

Тендерската документација на набавката на душеци од 2023 година содржи ограничувачки услови, а договорот е склучен со избраниот економски оператор без обезбедена банкарска гаранција за квалитетно извршување на договорот, посочуваат од таму.

-Набавени се 250 душеци во вкупна вредност од 1.174 илјади денари (од предвидените 500 душеци) со димензии различни од предвидените во техничката спецификација, без соодветна документација за прием и притоа истите се складирани во домот и воопшто не се ставиле во употреба.

Исто така, утврдивме дека и претходно биле набавени 450 душеци од истиот добавувач, иако постоечките биле во добра состојба, а поради тоа што димензиите на креветите се помали од душеците била нарушена стабилноста и статиката на креветите, велат од таму.

Во постапките од мала вредност за одржување на електрични апарати, машини за перење со склучен договор во износ од 354 илјади денари и набавката на услуги за одржување и репарирање и резервни делови за комора за одржување и за ладење, со склучен договор во износ од 708 илјади денари, ревизорите утврдиле дека се поставени услови за техничка и професионална способност, иако Законот за јавни набавки предвидува само услов за вршење професионална дејност, со што се ограничува конкуренцијата и се создава нерамноправен третман на понудувачите, посочуваат од таму.

-Воедно, во техничките спецификации предвидено е сервисирање на машина за миење садови која е вон употреба, но и покрај тоа, договорот е реализиран во целост, што укажува на несоодветно планирање и можност за непотребни трошоци.

Утврдени се слабости и во документацијата и оправданоста на расходите за одржување и сервисирање на опрема во ДСД Пелагонија во вкупен износ од 1.209 илјади денари од кои износ од 1.027 илјади денари од сметката на основен буџет и 182 илјади денари од сметката на буџет од самофинансирачки активности.

За дел од фактурираните услуги не постои целосна и веродостојна документација, недостасуваат прецизни податоци во работните налози, а не се обезбедени ниту доволни докази дека услугите навистина биле извршени или претходно побарани од домот.

Кај коморите за ладење и покрај реализираните трошоци и претходно набавени резервни делови, истите и понатаму не се во функционална состојба, што укажува на неефикасно и ненаменско користење на јавните средства, велат од таму.

Утврдени се слабости и во уредувањето и начинот на пресметка и исплата на плати и надоместоци, како и неусогласеност на интерните акти со важечката законска и подзаконска регулатива, посочуваат од таму.

-Имено, со Правилник донесен од Управниот одбор на домот утврдени се повисоки бодови за административните службеници од законски предвидените, а воедно не се целосно опфатени сите законски елементи на платата.

Програмата за работа не е изготвена на годишно ниво со конкретни активности за 2024 година, а извештајот за реализација на програмата не содржи податоци за реализација на планираните активности, особено во делот на задоволување на потребите на студентите, организирање на културно-спортски и рекреативни активности, ниту пак за реализацијата на планираните инфраструктурни зафати.

Со ревизијата на сметката на буџет од самофинансирачки активности (788) утврдено е дека при евиденција на трансакциите не се применува сметководственото начело на парично искажување и постои неусогласеност помеѓу материјалната и сметководствената евиденција на постојаните средства.

Домот нема донесено процедура за управување со залихите и констатиравме слабости во воспоставените
контроли при приемот и издавањето на залихите на прехранбените и други артикли, велат од таму.

Во делот на расходите пак утврдена е исплата на средства за репрезентација без соодветна поткрепувачка документација, а воедно вршени се набавки на гориво, сервисирање и замена на резервни делови за приватно моторно возило, одобрено да се користи за службени цели, кои не се поткрепени со соодветна веродостојна документација, што укажува на користење на буџетски средства за приватни цели, посочуваат од таму.

Во делот „Нагласување на прашања“ во ревизорскиот извештај се укажува на повеќе слабости кои имаат влијание врз законитоста и ефикасноста во работењето.

-Притоа, беше констатирана исплата на средства за плата за две лица на функцијата директор за период од шест месеци, како последица на недонесување правноиздржано решение од страна на Министерството за образование и наука за разрешување, со истовремено распоредување и утврдување на платата на раководното лице.

Исто така, беше утврдено дека Правилникот за систематизација на работните места во ДСД „Пелагонија“ содржи повеќе суштински и формалноправни неусогласености со Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор.

Исто така, беше укажано на начинот на буџетирање од страна на Министерството за образование и наука (МОН) и реализацијата на средствата на годишно ниво во државните студентски домови, што негативно влијае врз реалното планирање, следењето и наменската реализација на средствата по буџетски ставки, како и врз меѓусебната усогласеност на буџетите на Министерството и државните студентски домови.

Воедно, беше истакната и ненавремената исплата на обврските кон добавувачите, спротивно на роковите утврдени во склучените договори, што предизвикува финансиски потешкотии во работењето на домот, прашање кое е нагласено и во ревизорскиот извештај за сметката на Буџетот од самофинансирачки активности, велат од таму.

Во делот на клучни ревизоски прашања, ревизорите ја истакнуваат неизвесноста во однос на финансиската одржливост во работењето на ДСД Пелагонија, поради што потребно е МОН во соработка со државните студентски домови да извршат анализа и проценка на економската цена за сместување и исхрана на студентите и потребата од соодветна корекција на цената со цел да се оцени нивото на финансиска одржливост на домовите и да се обезбеди нивно непречено функционирање без креирање на заостанати долгови.

Исто така, во ревизорскиот извештај ревизорите се осврнуваат и на условите за престој на студентите и најавената реконструкција на домот од страна на МОН во рамките на проектот „Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во Македонија“.

-Во делот кој се однесува на внатрешните контроли известуваме за не воспоставен систем на внатрешни контроли во процесот на јавни набавки и тоа во делот на планирањето, спроведувањето и нивната реализација, како и внатрешни контроли во процесот на пресметка и исплата на плати во однос на евиденцијата на работното време на вработените.

Исто така, ДСД Пелагонија нема воспоставено функционален систем на внатрешна финансиска контрола кој би обезбедил уверување дека сите трансакции се извршени во согласност со законските прописи и дека се засноваат на соодветна и веродостојна сметководствена документација, велат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести