За поткуп приведена професорка на Универзитетот во Штип

Од Министерството за внатрешни рабопти (МВР) информираа дека на 29.06.2026 година во 11:45 часот во Штип, полициски службеници од Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип ја лишиле од слобода Т.А. (39) од Штип поради постоење основи на сомнение дека сторила кривично дело „примање поткуп“.

-Претходно, на 22.06.2026 К.Б. (26) од Турција, со привремен престој во Штип, студент на Универзитетот „Гоце Делчев“, пријавил дека А.Т. му побарала 300 евра за да положи испит кој дополнително ќе го полагал на 29.06.2026.

Преземени се мерки во координација со Основното јавно обвинителство Штип и на К.Б. му биле предадени крим технички обработени три банкноти од по 100 евра.

Полициски службеници ја лишиле од слобода Т.А. веднаш откако ги примила парите.

Таа е задржана во полициска станица, парите се одземени и по целосно документирање на случајот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава, велат од таму.

Во врска со приведувањето на професорката се огласија и од Универзитетот „Гоце Делчев“.

-Како Универзитет имаме нулта толеранција за корупција. Во академската заедница нема место за никој што ја злоупотребува својата позиција, го нарушува интегритетот на образованието и ја изневерува довербата што му е дадена.

За жал, ниту еден систем не е целосно имун на поединци кои се подготвени да го прекршат законот и да ја злоупотребат довербата што им е укажана. Токму затоа целосно ги поддржуваме активностите на надлежните институции во борбата против корупцијата. Само со професионални, законити и неселективни постапки можат да се откријат, санкционираат и трајно да се отстранат ваквите појави од академскиот систем.

Веруваме дека токму ваквите постапки се единствениот пат кон посилни, поздрави и покредибилни институции. Ги повикуваме сите кои имаат сознанија за корупција или други незаконски дејствија да не молчат. На Универзитетот постојат воспоставени механизми за пријавување на вакви случаи и секој може без страв да ги искористи.

Истовремено, ги охрабруваме сите ваквите сознанија директно да ги пријавуваат и до надлежните институции. Само со навремено пријавување, професионално постапување и доследно почитување на законот можеме да изградиме систем во кој знаењето, чесноста и личниот интегритет ќе бидат единствените критериуми за успех, а оние што ја злоупотребуваат довербата што им е дадена нема да имаат место во академската заедница, велат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести