Благајник од Прилепската болница осомничен за проневера на над 240 илјади евра

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Прилеп поднела кривична пријава против Д.К. во својство на службено лице при ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност „Борка Талески“ Прилеп поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело ”Проневера во службата„ од член 354 ст.3 в.в. со член 45 од КЗ, информираа од таму.

-Пријавениот во својство на службено лице, вработен на работно место самостоен референт – главен благајник во Одделение за материјално финансиско работење во Сектор за материјално – финансиски работи и сметководство при ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност „Борка Талески“ Прилеп, во периодот од 01.01.2020 до 31.12.2021 година, со цел да прибави за себе противправна имотна корист, во повеќе наврати дел од наплатените и примени парични средства од шалтерите на болницата, наплатени од пациентите по основ на партиципација и приватни здравствени услуги, не ги уплатил на банкарската сметка на болницата и истите противправно ги присвоил за себе, односно за 2020 година присвоил парични средства во износ од 6.568.726 денари и за 2021 година присвоил парични средства во износ од 8.494.558 денари, со што го оштетил Буџетот на ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност „Борка Талески“ во вкупен износ од 15.063.284 денари.

По насоки на Основно јавно обвинителство Прилеп во текот на утринските часови од страна на службени лица на Управата за финансиска полиција пријавеното лице е лишено од слобода и истото е изведено пред судија на претходна постапка при Основен суд Прилеп, велат од Финансиската полиција.

Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести