Љупчо Папазов не е инспектор, кажа адвокатот на поранешниот градоначалник на Кочани

Од одбраната на поранешниот градоначалник на Општина Кочани, Љупчо Папазов, еден од тројцата обвинети поранешни градоначалници на Општината, на денешното рочиште посочија дека пропустите во случајот биле резултат на институционални слабости и дека законот барал утврдување на индивидуална вина.

Неговиот адвокат Мите Левков кажа дека Папазов не презел никакви директни дејствија што довеле до пожарот, а одговорноста за инспекциските надзори и законската регулатива е делегирана на стручните служби и инспекторати.

Тој меѓу друго рече дека Папазов не поседувал знаење, ниту овластување да утврдува недостатоци во “Пулс“, туку бил зависен од информациите и извештаите на стручните служби и дека не бил градежен, пазарен или инспектор за противпожарна заштита.

Папазов пак меѓу друго рече дека во судницата во периодот што следи ќе биле изнесени аргументи и факти кои можеби немало да му се допаднат некому, но ќе биле патоказ за утврдување на вистината.

Освен Папазов, во случајот се обвинети и поранешните градоначалници на Општина Кочани, Ратко Димитровски и Николчо Илијев.

Тие според Обвинението на Основното јавно обвинителство се обвинети дека свесно и континуирано не постапувале согласно законските прописи за заштита, урбанистичко планирање и инспекциски надзор. Според Обвинителството, иако знаеле дека објектот во кој беше т.н. дискотека “Пулс“ е небезбеден и не ги исполнува законските услови за угостителска дејност, не презеле мерки за утврдување неправилности, санкционирање или затворање на објектот.

Исто така, според Обвинителството, тие не наредиле инспекциски надзор, не изготвиле програми и планови за работа на инспекторите, ниту ги известиле надлежните институции за незаконитото работење на објектот. Објектот немал одобрение за реконструкција, пренамена или употреба, ниту функционален паркинг, што создавало ризик за живот и здравје на посетителите и го попречувало пристапот на противпожарни возила.

Со непостапување според Законот за локална самоуправа, Законот за градење, Законот за инспекциски надзор, Законот за заштита и спасување и Законот за угостителска дејност, тие им овозможиле на обвинетите Јованов и Гроздан Милковски незаконито да вршат угостителска дејност и да плаќаат надоместок, иако објектот фактички работел како диско клуб, а не како кабаре. Според Обвинението, тие биле свесни за можните штетни последици, но се согласиле со нивното настапување.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Нема ниту еден факт против Николчо Илијев, кажа адвокатот на поранешниот градоначалник на Кочани

Ратко Димитровски тврди дека тој бил единствениот што барал „Пулс“ да не добие лиценца за работа

Општина Кочани никогаш не побарала од обвинетите градежни инспектори да извршат контрола во „Пулс“, кажа нивната одбрана

Фото: Папазов/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести