Демократската партија на Турците стана дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ

Демократската партија на Турците на Македонија (ДПТМ) влезе во колаицијата „Твоја Македонија“, на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и на ДПТМ, Зулфикар Зејнула денеска го потпишаа договорот.

„Денес направивме уште еден значаен чекор во насока на зацврстување на парламентарното мнозинство и обезбедување политичка стабилност, како неопходен предуслов за продолжување на реформите, реализација на проектите и исполнување на обврските што ги презедовме пред граѓаните.

Со потпишување на Договорот за политичко партнерство, соработка и поддршка со Демократската партија на Турците на Македонија испраќаме јасна порака дека кога станува збор за интересите на граѓаните и иднината на државата, постои простор за обединување околу заеднички вредности, принципи и цели. Ова партнерство е засновано врз доверба, заемно почитување и искрена определба да се работи во интерес на сите граѓани,“ вели Мицкоски.

Со ова коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има 59 пратеници во Собранието. Пратеникот Бејџан Илијас станува дел од истото. Тој во Собранието влезе како дел од „Европскиот фронт“ што го предводи ДУИ.

Фото: Фејсбук/Мицкоски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести