Заострени критериуми за сместување во студентските домови: Еве кои се новините

Министерката за образование Весна Јаневска информираше дека во моментов во Собранието се прават измени на Законот за студентскиот стандард во делот на сместувањето и користењето на услугите на студентските домови.

„Ја ограничуваме возраста на студентите до кога можат да бидат сместени во студентски домови. Детектиравме студенти кои со години се сместуваат во домовите, законски наоѓаат начини и ги користат услугите за 3.400 денари да живеат во месецот со сите покриени трошоци за храна, вода, струја и така натаму. Отсега максимална старосна граница на студент кој аплицира за сместување во дом ќе биде 30 години, односно 30 годишна возраст.

Со втората измена се воведува казнена одредба – забрана од 1 до 5 години за сместување во студентски домови за студенти кои ќе сторат потешка повреда на куќниот ред, ќе направат штета на инвентарот, ќе бидат фатени со алкохол или други супстанци, или доколку се констатира навредливо, заканувачко, агресивно или насилничко однесување, физичко или психичко малтретирање, вознемирување, дискриминација или друго недолично постапување со кое се загрозува безбедноста, здравјето, интегритетот и достоинството на студентите и вработените во домот или се нарушува непреченото функционирање на домот.

Во домовите имаме крупни инвестиции во моментов. Два се во процес на темелна реконструкција која ќе заврши до октомври. Објектите на „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ стануваат модерни и енергетски ефикасни. Навистина ќе бидат прекрасни и јас очекувам младите да ги чуваат, за да можат што повеќе генерации да ги користат. Воедно, мора да ја подигнеме и безбедноста во домовите,“ информираше Јаневска.

Фото/МОН

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести