На денешното судско рочиште против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, беа пуштени прислушувани разговори од посебни истражни мерки (ПИ-мерки), меѓу Един Шеапи и Али Арифи, татко на двајца обвинети во предметот „Ориент“, кој опфаќа обвиненија за злосторничко здружување, проституција, неовластено држење дрога и перење пари. Според Обвинителството, разговорите биле прибавени поради сомневања за давање поткуп на Ристов, кој во тој период бил апелациски судија и постапувал по предметот.
Обвинителката Искра Хаџивасилева посочи дека женскиот глас што се слуша во дел од разговорите ѝ припаѓа на сопругата на судијата, Симона Ристова, која во тој период извршува јавна функција како државен правобранител. Според обвинителката, од разговорите произлегува дека таа договарала средби меѓу нејзиниот сопруг и засегнатите лица.
На рочиштето сведочеше и инвеститорот во недвижности Круме Апостолов, кој пред Судот изјави дека мајката на Ристов, Донка Ристова, во јануари 2025 година уплатила околу 400.000 евра за купување четири станови со вкупна површина од околу 250 квадратни метри.
Според сведокот, изградбата на становите доцнела поради проблеми со документацијата. Ристова подоцна побарала враќање на дел од средствата, но Апостолов навел дека парите веќе биле вложени и дека не ѝ биле вратени.
Судијата Ристов е осомничен за „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“, откако во домот на неговите родители во Неготино во ѕид беа најдени 350 илјади евра.
Следното рочиште е закажано за на 3 септември.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Судијата Ѓоко Ристов останува во куќен притвор
Како биле откриени 350. илјади евра во домот на судијата Ѓоко Ристов
Викендицата ја нема во анкетниот лист на судијата Ѓоко Ристов
На кои случаеви работел судијата Ѓоко Ристов во чиј дом беа најдени 350 илјади евра














