Тирана викендов дишеше во ритамот на македонската култура. Со многу позитивна енергија, креативност и силно присуство, повеќе од 60 македонски уметници, професионалци и претставници од културните и креативните индустрии беа дел од експо-фестивалот Muse-X – на покана на директорката на КИЦ Тирана, Ема Попивода.
Нашето присуство беше видливо и впечатливо преку саемски штандови на: Манаки филм фестивал, Авалон продукција, Пасворд продукција, Aleph Group, Art by Kovsky, Tibetania Records, SATravels, Валданос и Винарија Тиквеш.
Во рамките на Muse-X се одржаа и конференции и панел дискусии на интересни теми за музика и филм. На панелите, свои искуства и визии споделија: Бобан Лазовски (Егоритмиа), Марга Сол и Дарко (Tibetania Records), Катерина Габунија (Манаки филм фестивал), Милан Тоциновски (актер), Дарко Димитров, Борјан Зафировски (режисер).
Во фестивалскиот дел на свеченото отворање со уникатен сценско – визулен проект „Acoustic Electronics“ настапија Ема Попивода – пијано и Александар Петров – перкусии, заедно со оркестарот Профундис и Оркестарот на РТШ, под диригентство на Ѓурѓица Дашиќ – спој на класика и современ звук, кој ја воодушеви публиката.
Во вечерната програма, забележителни електронски сетови имаа Uzun Brothers и Марга Сол, како хип-хоп настапите на DJ Гоце САФ и DJ Чваре кои ја делеа сцената со светски познати диџеи како Ben Clock, David Morales, Brina Knauss.
Филмската уметност беше претставена со проекции на шест филмови од Вардар филм и „The Happiness Effect“ на Борјан Зафировски. Режисерот Борјан Зафировски и актерот Милан Тоциновски одржаа и работилница за филм за студентите од филмската академија во Тирана.
Поддршката за младите таленти беше во фокус, а Марга Сол и Бобан Лазовски беа дел од жирито на Ring Battles на кој се натпреваруваа млади музички продуценти.
На свеченото отварање на експо фестивалот Muse-X поздравен говор одржа и државниот секретар на Министерството за култура и туризам Марија Ѓоргова, истакнувајќи ја важноста на градење на културни мостови и заеднички соработки.
Учеството со национален павилјон и со бројна делегација претставува силна потврда за креативниот потенцијал на Македонија. Нашата цел е преку програмските активности, експо-претставувањето и вмрежувањето со меѓународни партнери да создадеме конкретни можности за нови соработки и поголема видливост на македонските уметници и културни индустрии.









Промотивна објава














