Премиерот Христијан Мицкоски ќе се обиде проблемот со превозниците да го реши преку телефонски разговор со претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен.
Ова прашање, како што изјави денеска е отворено уште од септември со ЕК и дека за разговорите е задолжен министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Според најавите, очекува прашањето да се реши.
„Јас вчера побарав телефонски разговор со претседателката на Европската комисија. Таа е службено отсутна и се наоѓа во Индија. Очекувам деновиве да се слушнеме и повторно да ја отвориме оваа тема и заедно со колегите од регионот повторно да ја ставиме оваа тема на маса, така што тоа е,“ одговори Мицкоски на новинарско прашање.
Портпаролот на ЕК за внатрешни работи, Маркус Ламерт вчера изјави дека ЕК е свесна за загриженоста на транспортните оператори од Западниот Балкан и активно ја следи ситуацијата со блокадите на граничните премини кон Шенген зоната.
„Системот за влез-излез (ЕЕС) не воведува нови правила или барања за должината на престој во Шенген зоната, туку само обезбедува подобра имплементација на веќе постојните регулативи и откривање на нерегуларни практики.
Свесни сме дека професионалци од трети земји, како возачите на камиони, можат да имаат потреба да останат повеќе од 90 дена во период од 180 дена. Ова прашање е дел од подготовките за претстојната Визна стратегија, која ќе биде објавена оваа недела“, рече Ламерт.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Превозниците од Македонија и регионот продолжуваат со блокадата на граничните премини
Фото: Влада













