Земале плата, а не оделе на работа, ставале бензин приватно на државна сметка, недостасуваат и компјутери: Ревизија утврди низа неправилности во работата на Министерство за односи меѓу заедниците

Државниот завод за ревизија изврши (ДЗР) ревизија на финансиските извештаи на Министерство за односи меѓу заедниците на сметката на основниот буџет (637) заедно со ревизија на усогласеност за 2024 година.

Во извештајот на ДЗР е изразено неповолно мислење во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи и усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики.

Ревизија утврди слабости во финансиското управување, исплата на платите, јавните набавки, пописот на средствата, реализација на Програмата за финансирање на активностите на здруженијата и фондациите за 2023 година, набавката на нафтените деривати, сервисирањето на моторните возила и системот на внатрешни контроли во Министерството за односи меѓу заедниците.

„Констатирани се кусоци на материјални средства, вклучувајќи 30 преносни компјутери, исплата на 61% на име плата на вработените без да се обезбедат податоци за нивното присуство на работа и точење на нафтени деривати во возила за кои не може да се потврди дека се во сопственост на Министерството за односи меѓу заедниците.

За исплата на плати и надоместоци за 244 вработени во Министерството, исплатени се 165.010 илјади денари, од кои за 150 вработени по Потпрограмата К5 -Соодветна и правична застапеност на заедниците и како преведувачи, или за 61% од вработените, исплата на плата се врши без да се обезбеди доказ за присутност на работа и за полно работно време, и покрај воспоставената електронска евиденција на работното време за вработените,“ се вели меѓу друго во извештајот.


Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести