МВР до сега викнале 13 лица на информативен разговор за ширењето на паниката со наводното загадување на водата за пиење во Скопје

Министерството за внатрешни работи (МВР) информираше дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, во врска со ширењето на лажните информации на социјалните мрежи за наводното загадување на водата за пиење во Скопје, до сега повикало 13 лица на информативен разговор.

Со лицата е извршен службен разговор, при што сите се изјасниле дека информациите ги објавиле или споделиле откако претходно виделе слична објава на социјалните мрежи или слушнале од друго лице.

Притоа, никој од нив не посочил конкретен, потврден или веродостоен извор кој би ги поткрепил тврдењата за загадување на водата.

„Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика ќе продолжи со прибирање и анализа на податоци со цел да се потврдат сите околности поврзани со настанот, како и начинот на кој информациите се појавиле и понатаму се ширеле во интернет просторот.

Министерството за внатрешни работи укажува дека ширењето на непроверени и неточни информации, особено кога станува збор за прашања што се однесуваат на здравјето и безбедноста на граѓаните, може да предизвика неоправдана паника и вознемиреност во јавноста.

Апелираме до граѓаните да не споделуваат информации чија точност не е проверена и да се информираат исклучиво од официјални и релевантни извори. Одговорното користење на социјалните мрежи и проверката на информациите пред нивно објавување или споделување се од суштинско значење за спречување на дезинформации и заштита на јавниот интерес,“ велат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести