Никола Коџабашија, еден од најистакнатите претставници на македонската музичка авангарда, го претставува новиот проект ТЕГЕТ со издание за Филтер Лабел.
Коџабашија подолго време живее и работи во Велика Британија, каде што неговите албумски изданија и музика за театарски претстави постојано добиваат одлични рецензии во најреномираните медиуми.
Сепак и покрај редовните ангажмани, повремено изненадува со паралелни проекти за македонската публика.
Како вистински музички камелеон, со секое следно издание окупира поинаков музички простор и ги истражува границите на познатите жанрови. Еден таков пример беше албумот Penelope X (Filter Label, 2011), снимен со Фолтин и Гоце Стевковски, на кој успешно си играа со дефиницијата и формата на поп музиката.
Цели петнаесет години подоцна, Коџабашија се враќа со проект што е дијаметрално спротивен од
претходниот. Колективот ТЕГЕТ е составен од истакнати музичари кои повеќе децении успешно творат во џез, рок и авангардната музика: Благојче Томевски Трале (бас кларинет), Нинослав Спировски Нино (тенор и сопран саксофон), Филип Букршлиев Бука (електрична гитара), Ади Имери (електрична гитара), Александар Поп Христов (електрична гитара), Дориан Јовановиќ (фретлес бас гитара), Влатко Јаневски (бас гитара), Дарио Циевски Цио (тапани), Панче Бујуклиев (синтисајзер) и Никола Коџабашија (електрично пијано, синтисајзер, семплер).
Материјалот на новото издание “3 Ambient Pieces for Chamber Ensemble” е снимен на нивниот концерт во МКЦ во август минатата година. Што се однесува до жанровската определба, дури и ние не би се осмелиле да ги дефинираме трите композиции на ова EP. Авангарден рок, фри џез, амбиент, ништо од наведеното, или од сè по малку? Најдобро е да го преслушате албумот и сами да одлучите како ќе ја наречете оваа музика.
„3 Ambient Pieces for Chamber Ensemble” на Никола Коџабашија и ТЕГЕТ може да се слушне и преземе од следниов линк: filterlabel.fanlink.tv.
Промотивна објава














