“Мајчин дом“, објектот на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) во скопски Аеродром доби нов апарат дексаскен за дијагноза на остеопороза.
Средствата се обезбедени со заедничка координација на Клиниката, Фондот за здравствено осигурување, Владата и Министерството за здравство, а паралелно со набавката на апаратот е извршено и целосно реновирање на просторот, со што се унапредени условите за обезбедување квалитетни здравствени услуги.
-Остеопорозата е состојба која, доколку не се открие навреме, може да доведе до тешки последици за пациентите, и токму затоа раната и прецизна дијагностика е суштински важна.
Особено е важно што станува збор за апарат со пошироки дијагностички можности, кој ќе овозможи не само навремено откривање и следење на пациентите со остеопороза, туку и примена кај деца, проценка на вертебрални фрактури, како и кај пациенти со ендопротеза на колк, појасни министерот за здравство Азир Алиу.
Фото: МЗ














