Основниот кривичен суд Скопје му одреди осумдневен куќен притвор на С.Љ. – осомничен за физички и вербален напад врз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. На второосомничениот, Судот му одреди мерки на претпазливост.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на ОЈО Скопје за определување мерки за обезбедување присуство против две лица, осомничени за кривичното дело насилство, поврзани со вчерашниот напад на градоначалникот на Град Скопје, донесе решенија со кои: С.Љ. – осомничен дека вербално и физички ја нападнал оштетената му се определува мерка куќен притвор во траење од осум дена, со оглед да се работи за скратена постапка. На второосомничениот С.Љ. – кој се товари дека се заканувал кон оштетената, му се определуваат мерки за претпазливост,“ информираат од Кривичен суд. Странките имаат право на жалба против судските решенија.
Основното јавно обвинителство Скопје претходно побара притвор за првоосомничениот, и мерки за претпазливост за второосомничениот.
„Првоосомничениот вчера се заканувал и физички ја нападнал градоначалничката на Скопје, која заедно со вработени во градските служби, по претходна пријава, излегле да извршат вонреден надзор на нелегален објект во градба на улицата „Севастополска”. Тој се претставил како сопственик на објектот во градба, па почнал грубо да ја навредува, да и се заканува, по што и физички ја нападнал.
Кога изреагирале останатите вработени во градските служби и припадниците на МВР и го тргнале првоосомничениот, со закани продолжило и второосомниченото лице. Со чинот на насилство двајцата осомничени во јавноста и кај другите присутни лица предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за првоосомничениот, пред се поради ризикот да го повтори, односно да го изврши делото со кое се заканувал, но и поради опасноста од бегство,“ се вели во соопштението.
За вториот осомничен се предложени мерки на претпазливост кои вклучуваат забрана за приближување и воспоставување контакт со градоначалничката и другите оштетени, забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, одземање на патната исправа и повремено јавување кај определено службено лице во судот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
За нападот на Арсовска приведени две лица
По нападот и заканите по живот, МВР ѝ одобри 24 часовно обезбедување на Арсовска
Градоначалничката Данела Арсовска физички нападната во Чаир
Арсовска објави фотографија од лицето кое ја нападнало