Поднесено обвинение за лицето кои насилно упадна во редакцијата на „Инфомакс“

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје ја заврши постапката за прибирање докази за упадот во редакцијата на „Инфомакс“ и до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинение против едно лице за кривични дела – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1, како и – Спречување на службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска став 1 од Кривичниот законик, информираа од таму.

Како што велат од таму, обвинетиот на 10. декември извршил грубо насилство спрема двајца новинари во дневно-информативниот онлајн медиум „Инфомакс“, како и спрема гостин во нивната емисија, со што ги спречил во вршење на професионалната дејност.

-Додека емисијата „Тешки муабети“ се емитувала во живо на YouTube и на социјални мрежи, обвинетиот пишувал навредливи и заканувачки коментари за еден од новинарите поради критиките што во емисијата биле упатувани кон премиерот.

Потоа обвинетиот дошол на адресата на која се наоѓа студиото, ја обил влезната порта, ги искршил и влезната врата од објектот и вратата на студиото, па како резултат на тоа емисијата била прекината, велат од таму.

Еден од оштетените, се обидел да го задржи обвинетиот да не влезе во студиото, но тој продолжил да вика и да им се заканува по живот, ги пцуел и ги навредувал присутните, а се обидувал и физички да ги нападне, замавнувајќи со рацете и фрлајќи со чаша кон нив. Оштетените повикале полиција, додека во меѓувреме успеале да го смират обвинетиот и да го извадат надвор на улица, посочуваат од таму.

-Со насилничките дејствија обвинетиот предизвикал чувство на несигурност и страв кај оштетените и други присутни лица.

Медицинското вештачење на обвинетиот покажа дека и покрај неговата претходна душевна здравствена состојба, тој делото го извршил во состојба на пресметливост.

Согласно тоа, јавниот обвинител достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор со цел негово обезбедување во текот на постапката, велат од ОЈО Скопје.

Основното јавно обвинителство Скопје приоритетно постапува во сите предмети кои се однесуваат на евентуални напади врз новинари и загрозување на слободата на говор, посочуваат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Насилен упад во редакцијата на „Инфомакс“, ЗНМ со остра осуда

Приведено лицето кое упадна во “Инфомакс“, претходно било спроведувано во Психијатриска болница Бардовци, велат од МВР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести