Основниот кривичен суд Скопје денеска ја одложи главната расправа во предметот за наводни злоупотреби во АД „Државна лотарија“, во кој меѓу обвинетите е и поранешниот вицепремиер Артан Груби и уште седум лица се товарат дека во текот на 2023 и 2024 година со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета од над 507 милиони денари. На сите обвинети им се става на товар кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски образложи дека одлагањето е потребно за обвинетите и нивните бранители да имаат доволно време да извршат увид во доставените докази, да се запознаат со нивната содржина, да ја подготват одбраната и да достават листа на докази што предлагаат да бидат изведени во текот на постапката.
„Судот оцени дека обвинетите и нивните бранители треба да добијат потребно време за увид во доказите и за ефективна подготовка на одбраната имајќи го предвид и барањето на бранителот на обвинетиот Бојан Јанев за оставен рок за подготовка поради што главната расправа се одлага,“ истакна судијката.
Наредните рочишта се закажани за 7, 11, 16, 18, 23 и 30 септември, како и на 2, 8, 9, 15, 16, 20 и 21 октомври.
Првообвинетиот, поранешен директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, сè уште е недостапен за органите на прогонот и се бара негов притвор по пронаоѓање, а за Артан Груби, Обвинителството бара продолжување на мерката куќен притвор.














