Во Кичево се постави првиот млекомат во Македонија, каде што ќе се продава свежо, органско кравјо млеко произведено во манастирската фарма на Богородица Пречиста.
Манастирот е познат по својата долга и развиена сточарска дејност над градот Кичево на 1.000 метри надморска височина во местото „Крнино“.
„Повеќегодишното искуство во сточарството и млекарството на жителите во манастирот, донесе голем раст во поглед на модернизацијата и зајакнувањето на земјоделските задруги.
Грантот за поддршка на земјоделскиот сектор финансиран од ЕУ од ИПА 2019 програмата, додели на земјоделската задруга млекомат и молзилиште. Тоа придонесе за одличен резултат во поглед на хигиената, односно за врвен квалитет.
Млекото е достапно преку современ млекомат, кој овозможува да го добиете производот секогаш свеж, со зачувани природни хранливи својства, кои се особено важни за човековото здравје. На овој начин, секој може брзо и лесно да ужива во вкусот на вистинското, непастеризирано млеко, без додатоци и конзерванси.
Млекоматот се наоѓа во центарот на градот и работи постојано. Секој што ќе посака има можност да проба од овој еликсир за здравјето, и сам да се послужи во секое време во текот на целото деноноќие. Одбраниот производ и неговата количина е во релација со потребната сума која купувачот сам ја внесува во млекоматот. Во исто време, млекоматот нуди можност да се одбере калап и од манастирското органско сирење.
Се’ што треба да се направи е да се одбере посакуваната шифра на производот, да се плати износот, а потоа, заедно со најблиските, да се ужива во вкусот на манастирското кравјо сирење,“ информираат од Свештена Пречистанска Обител Благовештение на Пресвета Богородица.



Фото: Свештена Пречистанска Обител Благовештение на Пресвета Богородица