Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираше дека денеска во 09:44 часот, преку единствениот европски број за итни случаи 112, била добиена пријава за повредено лице на планината Јабланица – поточно во реонот Парумба.
Станува збор за жена која при планинарење го повредила скочниот зглоб и не била во можност самостојно да се движи. Според изјавата на присутен доктор на самото место, повредата била сериозна и барала итна евакуација.
Дополнително спасителната служба на Црвен Крст од Охрид информираше дека условите за пристап до повредената биле отежнати – теренот непрооден за возила, а пешачкиот пристап би траел приближно шест часа. Поради тоа, ЦУК стапил во контакт со Министерството за внатрешни работи (МВР), со барање за ангажирање на воздухоплов за спасување.
Благодарение на брзата координација и интервенција, хеликоптерот ја презел повредената жена во 13:00 часот, по што таа била транспортирана до аеродромот во Охрид. Оттаму, со возило на Итната медицинска помош, била пренесена до Специјалната болница за ортопедија и трауматологија – Костозглобна болница.
Во спасувачката акција учествувале Спасителната служба на Црвен крст – Охрид, Спасувачкиот тим при МВР, Итната медицинска помош – Охрид, Секторот за операции и координација при ЦУК, кој ја водел целокупната координација на акцијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) Спасено лице кое паднало во провалија кај Ливадичко езеро, има тешки повреди
Фото: Црвен крст Охрид/Фејсбук