Двајца полицајци соучесници во филмскиот грабеж на златарата во Гостивар – им го обезбедувале патот на лица по кои уште се трага

Министерството за внатрешни работи (МВР) до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гостивар поднесе кривична пријава против две лица поради сомнение дека како соизвршители учествувале во извршување на кривично дело „разбојништво“ по член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираа од МВР.

Осомничените се лишени од слобода во текот на вчерашниот ден.

„Тие на 10.10.2025, заедно со други засега непознати лица, влегле во златарница во Гостивар и со сила и закана со огнено оружје одзеле 18 килограми злато. Двајцата осомничени се полициски службеници од ОВР Кичево, кои се договориле и направиле план за грабежот заедно со другите лица за кои интензивно се преземаат дејствија за пронаоѓање.

Осомничените учествувале во подготовките со извиди на локацијата и на работата на златарницата два дена пред грабежот. На самиот ден, тие со службено возило на МВР го обезбедувале патот на двете возила искористени за грабежот во Гостивар, од кои едното потоа е пронајдено запалено на магистралниот пат Гостивар-Дебар, додека другото е пронајдено напуштено во Кичево, во близина на сточниот пазар.

МВР во координација со ОЈО Гостивар презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот,“ велат од МВР.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Одземени 18 килограми злато вредно околу 1,8 милиони евра: Детали од МВР за филмскиот грабеж на златара во Гостивар

(Видео) Филмски грабеж на златара во Гостивар, ограбувачите со бодликави жици ги блокирале улиците за да побегнат од полицијата

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести