Преку уметност, 80 средношколци од цела држава собраа средства за настраданите во Кочани

„Уметноста има став“, изминатиов викенд во Струга собра 80 средношколци од целата држава кои преку музика, литература, политика, илустрација и графити го изразија својот став на различни општествени теми.

Настанот беше во организација на Фондацијата Фридрих Еберт – Канцеларија Скопје, a во соработка со Центарот за едукација и уметност „Хана“. 

Под менторство на еминентни професионалци во својата струка – проф. Емилија Ристановска, проф. д-р Ненад Марковиќ, актерот Никола Ристановски, музичарката Сара Ташкоска, поетот Дарко Лешоски, илустраторката Калиопи Трпчева и графити уметникот Драган Китановски – Драш, младите три дена развиваа свои дела кои ги претставија на завршниот настан.

-Во неделата, младите го искажаа својот став преку музички перформанси, поезија, политички говор, изложба на илустрации и графити. Завршниот настан имаше хуманитарен карактер, кадешто сите илустрации од изложбата беа понудени на продажба, а собраните средства ќе бидат донирани за настраданите во Кочани. Уметноста покрај тоа што има став, исто така уметноста има и срце, преку чин на солидарност и емпатија. 

Преку програмата „Уметноста има став“, средношколците не само што добија вештини, тие добија и простор да се изразат, да се слушнат и да остават трага. Гласот на младите има вредност, а преку уметноста ќе покажеме дека можеме да влијаееме и да креираме промена, затоа што имаме генерации кои размислуваат критички, делуваат храбро и создаваат со срце, посочуваат организаторите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести