23,4 милиони евра за мерки за вработување не биле рамномерно распоредени: Извештај на ДЗР за Агенција за вработување

Државниот завод за ревизија (ДЗР) го објави конечниот ревизорски извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Агенцијата за вработување за 2024 година.

Истиот меѓу друго покажува дека исплатените пари за активните мерки за вработување – 1.442.207 илјади денари (23,4 милиони евра), не биле распоредени по принципот на рамномерен регионален развој.

Од ДЗР констатирале и неправилности и неусогласености во работењето на Агенцијата и изразуваат мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и неповолно мислење за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставените политики за 2024 година.

– Во 2024 година преку АВРСМ исплатени се 1.326.958 илјади денари или приближно 21.541.526 евра за паричен надоместок во случај на невработеност, од кои за паричен надоместок 876.960 илјади денари (14.236.364 евра) и за материјално обезбедување 449.998 илјади денари (7.305.162 евра), што претставуваат 40,6 % од вкупните расходи на АВРСМ во 2024 година.

Исплатите за паричен надоместок се повисоки за 27,13 проценти, односно за 187.148 илјади денари во однос на 2023 година, стои во извештајот.

Уттврдени се слабости и во постапката за остварување на правото на паричен надоместок, кои се однесуваат на некомплетна документација, невоспоставена електронска размена на податоци со Фондот за пензиско и здравствено осигурување, како и отстапувања при утврдувањето на висината на надоместокот.

– Утврдено е дека најголемиот дел, односно 67,91% од исплатениот износ за паричен надоместок во случај на невработеност во текот на 2024 година е по основ на престанок на работниот однос склучен на определено време.

При ревизијата се констатирани случаи на договори за вработување на определено време склучени во траење од три дена, договори продолжувани над законскиот максимум од пет години, како и повторно вработување кај истиот работодавач по користење на правото на паричен надоместок, што упатува на потреба од зајакнување на контролите при остварувањето на ова право, велат од ДЗР.

За реализација на активните програми и мерки за вработување (вкупно 14) предвидени со оперативната програма во 2024 година исплатени се вкупно 1.442.207 илјади денари (23.412.451 евра), што претставува зголемување за 16,34% во однос на 2023 година, се посочува во извештајот.

При распределбата на средствата не бил обезбеден принципот на рамномерен регионален развој. Кај одделни активни мерки исплатите во Скопскиот и во дел од западните плански региони ја надминувале утврдената квота и до четирипати, а регионите од централниот и источниот дел на државата добиле помал обем на средства.

За мерката Самовработување, 62,05% од средствата се реализирани преку центрите за вработување во само пет града.

– Кај мерката субвенционирање плати – 327 од вкупно 646 одобрени апликации  (50,6%) се однесуваат на само четири центри за вработување (Скопје, Струга, Тетово и Куманово), а кај мерката вработување и раст на правни субјекти – 587 од 917 одобрени апликации (64,1%) се реализирани во пет центри за вработување (Тетово, Скопје, Струга, Куманово и Пробиштип), стои во извештајот.

Ревизорите утврдиле и слабости во системот на мониторинг и контрола на користењето на средствата поради недоволно разработени процедури, ретки теренски контроли и нецелосна документација, што според нив создава ризик од ненаменско користење на доделените средства.

Во текот на 2024 година за мерката обука за стекнување вештини од областа на напредни ИТ-вештини исплатен е износ во висина од 85.835 илјади денари (1.393.425  евра), при што само 184 од 735 кандидати (25,03%) успешно го положиле завршниот испит, што укажува на ниска ефикасност на мерката, велат од таму.

– Во 2024 година АВРСМ исплатила 5.747 илјади денари за адвокатски услуги, медијација, вештачења и судски такси, при што 77,46 % од расходите за адвокатски услуги се реализирани преку еден адвокат. Извршени се исплати без целосна поткрепувачка документација и без соодветна контрола на фактурираните услуги, велат од таму.

ДЗР утврдил и дека за вештачења во износ од 881 илјада денари не е спроведена постапка за јавна набавка, а за 740 илјади денари не била обезбедена документација за извршените услуги. Исто така, некои од адвокатските услуги се однесувале на административни работи, кои можеле да ги извршуваат службите на Агенцијата, но не е кадровски екипирано.

Во извештајот се укажува и дека Посебниот фонд за вработување на инвалидни лица не ги добива сите средства што му следуваат согласно закон.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести