Наспроти досегашниот поволен тренд кај домашната инфлација, ризиците околу нејзината идна динамика се зголемени, велат од Народна банка по редовната седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика.
Ризиците околу инфлацијата се поврзани со последните воени случувања и прекините во снабдувањето со енергенти од земјите од Персискиот Залив.
„Пазарните оцени за цените на нафтата во следниот период се ревидирани поизразено во нагорна насока, на кус рок. Подолгорочните ефекти врз светските цени, а со тоа и врз домашната инфлација се условени од силината и времетраењето на воените дејства на Блискиот Исток,“ велат од Народна банка.
Од таму додаваат дека одлуката за монетарната политика се носи во услови на исклучително зголемена светска неизвесност и непредвидливост, предизвикана од неодамнешното избувнување на воениот конфликт на Блискиот Исток.
„Првичните ефекти се видливи преку нарушувањето на снабдувањето со нафта во светот и растот на цените на енергентите. Севкупните ефекти врз светската економија се условени од интензитетот и времетраењето на конфликтот на Блискиот Исток.
Евентуалнотоподолго времетраење, како и проширување на воените дејства ќе предизвикаат подолготрајни нарушувања на пазарот на енергенти, посилно зголемување на нивните цени, пролонгирана неизвесност, раст на општото ценовно ниво и полоши економски изгледи.
Во ваков контекст, ЕЦБ на последниот состанок за монетарната политика ја задржа истата каматна стапка, правејќи нагорна корекција на очекуваната инфлација и надолна на растот,“ додаваат од таму.
„Надворешните ризици се особено изразени поради неизвесноста во однос на интензитетот и времетраењето на воениот конфликт на Блискиот Исток. Се следат и домашните фактори коишто влијаат врз доходот и побарувачката,“ велат од Народна банка.
Основната каматна стапка останува на нивото од 4%.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Каде се сè користи хелиум, чија цена расте, освен во здравството
Која храна ќе поскапи поради кризата на Блискиот Исток
Цената на нафтата и гасот ќе расте и по војната во Иран














