Соединетите Американски Државии (САД) и Македонија постигнаа Рамковен договор за реципрочна, фер и балансирана трговија за зајакнување билатерални економски односи, соопштија од Белата куќа.
Истиот на извозниците од двете земји треба да им овозможи проширен пристап до пазарите.
Договорот треба да ги зајакне трговските односи помеѓу двете земји, да ги поддржи заедничките стратешки интереси, да го промовира економскиот раст и да го продлабочи трансатлантско партнерство помеѓу Македонија и САД.
Според Договорот Македонија ќе ги укине царинските давачки за сите американски индустриски и земјоделски стоки извезени во земјава.
САД пак ќе ги задржат 15% реципрочните тарифи за дел од македонските производи, со можност одредени производи да добијат нулта стапка.
Во договорот се спомнува и новиот гасен интерконектор помеѓу Македонија и Грција. По неговото завршување Македонија ќе започне со купување на американски течен природен гас (LNG).
Со Договорот, Македонија, се обврзува да усвои и одржува високо ниво на заштита на животната средина и ефикасно да ги спроведува законите за животна средина.
САД и Македонија исто така ќе разговараат за обврските за заштита и спроведување на интелектуалната сопственост, вклучително и за географските ознаки, а двете земји ќе се ангажираат и за решавање на прашања поврзани со трудот.
Со Договорот, Македонија се обврзува да не наметнува данок на дигитални услуги и да поддржи усвојување на траен мораториум на царински давачки за електронски преноси во Светската трговска организација (СТО).
Фото: Унсплеш














