САД нема да употреби воена сила за Гренланд, ама не се откажува од островот, кажа Трамп во Давос

НАТО и Европската унија може да здивнат, барем засега. Американскиот претседател Доналд Трамп, денеска од сцената на Европскиот светски форум во Давос, Швајцарија, рече дека САД нема да употреби воена сила за заземање на островот Гренланд, дел од Кралството Данска.

-Нема да добиеме ништо освен ако не одлучам да употребам прекумерна сила – тогаш би биле незапирливи, но ние нема да го сториме тоа, рече тој подвлекувајќи дека Данска има избор, може да каже „да“ и САД ќе бидат многу благодарни, или може да каже „не“ и САД ќе го запомни тоа.

-Не морам да употребам сила, не сакам да употребам сила и нема да употребам сила. Сè што бараат САД е Гренланд. Барам итни преговори за преземање на Гренланд, рече тој.

Повтори дека Гренланд и е потребен на САД за национална безбедност, а тоа тврдење овојпат го прошири и со „светска безбедност“ и рече дека не се во прашње ретки минерали, кои ги има на островот.

Рече и дека има почит за граѓаните на на Гренланд и Данска, но повтори дека никој освен САД неможе да го чува Гренланд од Кина и Русија, подвлекувајќи дека секоја земја членка на НАТО има обврска да си ја брани својата територија.

-Сè што сакаме од Данска е оваа земја, на која ќе ја изградиме најголемата Златна купола (систем за ракетна одбрана, н.з.) некогаш изградена, рече Трамп.

Рече и дека САД не се закана за НАТО, туку гаранција за безбедноста на Алијансата, нагласувајќи дека „даваме толку многу, а добиваме толку малку за возврат“.

Потсети и дека во текот на изминатите два века, повеќе американски претседатели се обиделе да го купат Гренланд.

Рече и дека Данска ветила дека ќе потроши 200 милиони долари за безбедноста на Гренланд, но дека, според него, исполнила само 1% од тоа ветување.

Во говорот не го спомена најавеното зголемување на царините за осумте европски земји и членки на НАТО, кои ги добија оти се на страната на Данска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Како Гренланд стана дел од Данска

Колку милијарди долари вреди Гренланд според проценката на САД

Венецуела има нафта, а што има Гренланд што му треба на САД?

Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести