Американскиот претседател Доналд Трамп ја продолжи националната вонредна состојба за Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Србија.
Причината за продолжување на вонредната состојба е поради тоа што САД се уште гледа на земјите од Западен Балкан како закана за националната безбедност и надворешната политика на САД, проценувајќи дека има активности што го загрозуваат мирот, стабилноста и демократското управување во регионот.
Документот е објавен вчера и во него меѓу друго се наведува дека дејства на поединци и групи што го загрозуваат мирот, меѓународните напори за стабилизација на регионот, како и активностите што го попречуваат демократскиот развој и евроатлантската интеграција на земјите од Западен Балкан, продолжуваат да претставуваат „вонредна и невообичаена закана“ за интересите на САД.
Во истиот се споменува и Охридскиот рамковен договор од 2001 година, кој беше вклучен во дополнителните мерки преку измените на извршната наредба од 2003 година, која пак беше дополнително проширена во 2021 година со извршна наредба на тогашниот претседател Џо Бајден.
Според објавата на Федералниот регистар, мерките се однесуваат на лица и групи кои поддржуваат екстремистичко насилство во регионот, како и активности што го попречуваат спроведувањето на мировните договори во Босна и Херцеговина, Косово и Македонија.
Вонредната состојба за првпат ја прогласи поранешниот претседател Џорџ В. Буш на 26. јуни 2001 година.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
На Трамп не му е гајле за Западен Балкан
САД работи на нова „црна листа“ за Западен Балкан, кој ќе заврши на неа од Македонија?
Фото: Унсплеш














