На 10. август во КАМ Маркет Гевгелија и официјално беше поставена 100. Повратна вендинг машина на Пакомак во земјата.
По повод поставувањето на машината, локацијата ја посетија градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Зомер, како и претставници на Пакомак и КАМ Маркет.
Новата Повратна вендинг машина (ПВМ) е поставена во самиот маркет, каде што има висока фреквенција на движење на луѓе, а машината е заштитена од надворешни влијанија.
Пакомак започна со поставување повратни вендинг-машини во 2019 година, воведувајќи иновативен систем кој ги поврзува селекцијата на отпадот, дигиталните технологии и директното наградување на граѓаните. Оттогаш, машини се поставени во повеќе општини, меѓу кои Скопје, Битола, Куманово, Штип, Тетово и Кочани, на урбани и високофреквентни локации.
„Со повратните вендинг-машини им овозможуваме на граѓаните лесно да ја вратат амбалажата додека пазаруваат или ги извршуваат секојдневните обврски. Преку системот на зелени поени, одговорното однесување се препознава и наградува, а истовремено се зголемува количината на собран и рециклиран амбалажен отпад“, изјави Филип Ивановски, извршен директор на Пакомак.
Преку апликацијата ЕкоМак, корисниците добиваат зелени поени за секое вратено пластично шише или лименка. Собраните поени можат да се искористат за попусти при пазарење или да се донираат за локални иницијативи и проекти во општините.
Развојот на системот е поддржан од Швајцарија преку проектот „Паметно управување со отпадот од пакување“. Швајцарската поддршка не е насочена само кон поставување опрема, туку кон развој на одржлив модел кој ги поврзува технологијата, одговорноста на производителите, инвестициите на приватниот сектор, локалните власти и активното учество на граѓаните.
Во рамките на партнерството досега се мобилизирани инвестиции од над четири милиони евра за современа инфраструктура и практични решенија за собирање, селекција и рециклирање на амбалажниот отпад.

„Поставувањето на 100. повратна вендинг-машина покажува дека едно иновативно решение може да прерасне во функционален систем со национален потенцијал. Швајцарија го поддржува овој модел затоа што ги поврзува технологијата, инвестициите на приватниот сектор и активното учество на граѓаните. За ваквите инвестиции да продолжат и да се прошируваат, од клучно значење се тесната соработка со институциите и транспарентната, предвидлива и еднаква примена на правилата за сите учесници.
Нашата заедничка цел е амбалажниот отпад повторно да добие вредност, а одговорното постапување да биде едноставно и достапно за секого“, изјави Кристоф Зомер, амбасадор на Швајцарија во Република Северна Македонија.
Поставувањето на 100 машини за шест години претставува значаен резултат, но уште поважен е развиениот модел на соработка меѓу компаниите, маркетите, општините и граѓаните. Тој покажува дека со иновации, приватни инвестиции и соодветна институционална поддршка може да се воспостави систем кој истовремено придонесува за почиста животна средина, циркуларна економија и поквалитетни јавни услуги.
Следниот чекор е натамошно проширување на системот и создавање услови ваквите решенија да станат достапни за што поголем број граѓани низ целата земја.
ПР-објава














