Светозар Младеновиќ е сопруг и татко на две малолетни деца, кој во моментов се соочува со сериозни здравствени компликации и долг и неизвесен процес на лекување.
„Светозар, како сопруг и татко, е столбот на семејството. Неговите две малолетни деца имаат потреба од неговата прегратка, поддршка и присуство. Во овој тежок период, неговото семејство се соочува не само со стравот за неговото здравје, туку и со големи финансиски трошоци поврзани со лекувањето. Светозар помина низ тешки здравствени предизвици и повеќе медицински интервенции.
По операцијата на тумор на панкреасот, кој според досегашните информации бил бениген и без утврдени метастази, следувале дополнителни компликации поврзани со жолчката и жолчните патишта. Во текот на лекувањето било потребно отстранување на жолчката и поставување на билијарен стент.
За жал, неговата здравствена состојба дополнително се влошила, поради што повторно бил хоспитализиран. Светозар бил примен во болница со висока температура, силни болки во стомакот и значително зголемен стомак. Во стомачната празнина се насобрала голема количина течност, поради што било потребно нејзино отстранување. ,
Според досегашните информации, биле извадени околу 7 литри течност. Неговата состојба била проследена и со отоци на нозете, колената и раката, како и со тешкотии во дишењето, поради што му била поставена и носна сонда. Во овој тежок момент, неговото семејство има потреба од поддршката од сите нас. Трошоците за болничкото лекување, дијагностичките испитувања, медицинските интервенции, терапиите и понатамошното лекување претставуваат голем финансиски товар за семејството.
Затоа, упатуваме апел до сите хумани луѓе, пријатели, роднини, сограѓани, компании и организации: Помогнете му на Светозар да ја продолжи својата борба за здравје и живот. Секоја донација, без разлика на нејзината големина, е драгоцена. Секој денар значи помош. Секој споделен апел може да стигне до некој што ќе помогне,“ се вели во апелот на eCrowd.mk.
За донации ОВДЕ.













