Mакедонската танчерка Мила Србиноска, членка на танцовиот клуб Break A Leg од Скопје, освои сребрен медал на IDO Европското првенство во All Style Battles, кое се одржува од 1 до 7. јуни 2026 година во Клагенфурт, Австрија.
Во исклучително силна конкуренција составена од најдобрите европски батл танчери, Србиноска успеа да стигне до големото финале и да ја освои титулата европски вицешампион, уште еднаш потврдувајќи го својот статус на една од најуспешните танчерки во уличните танцови дисциплини.
Овој успех претставува продолжение на нејзината импресивна меѓународна кариера. Мила Србиноска веќе е препознатливо име на македонската и светската хип-хоп сцена, а во 2024 година ја освои и светската шампионска титула во хип-хоп. Новиот медал од Австрија дополнително ја потврдува нејзината конзистентност и припадност кон самиот европски и светски врв.
Сребрениот медал претставува голем успех и за танцовиот клуб Break A Leg, како и за македонската репрезентација, кои со години успешно ја претставуваат Македонија на најзначајните европски и светски танцови натпреварувања.
„Мила повторно покажа дека е една од најдобрите танчерки во Европа. Сребрениот медал на Европското првенство е огромен успех за неа, за нашиот клуб и за Македонија. Особено радува фактот што таа континуирано се наоѓа меѓу најдобрите на светот и Европа. Горди сме на нејзината посветеност, работа и карактер кои ја доведоа до уште еден голем резултат“, изјави Трајче Петковски од Break A Leg.
IDO Европското првенство во хип-хоп, попинг, breaking и All Style Battles ги обединува најдобрите танчери од цела Европа и важи за едно од најзначајните и најпрестижни натпреварувања во уличните танцови дисциплини.
Македонската репрезентација продолжува со своите настапи и во наредните денови од шампионатот, каде повеќе македонски танчери ќе се борат за нови финалиња и медали.
Со овој резултат, Мила Србиноска и Break A Leg уште еднаш потврдија дека Македонија има свое заслужено место меѓу најдобрите европски танцови нации.
Промотивна објава














