Светот може да здивне, засега: САД и Иран договорија двонеделен прекин на огнот, и двете земји прогласија победа

На неколку часа пред истекот на улитиматумот на американскиот претседател Доналд Трамп, САД и Иран се договориле за двонеделен прекин на огнот.

Како што е познато Трамп се закани дека ако Иран не го отвори целосно Ормускиот теснец, низ кој се транспортира околу 20% од нафтата за глобални потреби, но и голем процент на храна и гас, САД во Иран ќе нападнат енергетски капацитети и мостови.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ако Иран не го отвори Ормускиот теснец до утре, САД ќе напаѓа енергетски капацитети во земјата

Оваа е петти пат како Трамп упатува вакви закани, па се предомислува или го продолжува рокот.

Како што пренесуваат светските медиуми оваа сепак не е крај на војната, а во периодот што следи, двете земји треба дополнително да преговараат. Преговорите, според моменталните најави треба да се одржат во главниот град на Пакистан, Исламабад. Истите треба да почнат во петок и да траат 15 дена.

И двете земји прогласија победа

Трамп на социјалните мрежи за договорот меѓу друго напиша дека се согласил „да го суспендира бомбардирањето и нападите врз Иран за период од две недели“, доколку Иран се согласи на „целосно, итно и безбедно отварање на Ормускиот теснец“ и прогласи победа.

„Нема сомнение дека САД остварија целосна и комплетна победа. Збогатениот ураниум на Иран ќе биде совршено згрижен според договорот“, напиша тој, без да даде детали за тоа.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, пак, изјави дека „во период од две недели ќе биде овозможен безбеден премин низ Ормускиот теснец во координација со вооружените сили на Иран“, и дека доколку нападите врз Иран бидат запрени, „нивните моќни вооружени сили ќе ги прекинат своите одбранбени операции“.

Како и САД, и Иран, после договорот прогласи победа, а граѓани излегоа да слават по улиците на главниот град Техерен.

Според иранскиот Врховен совет за национална безбедност, Иран ги постигнал речиси сите свои цели во војната, а САД се соочиле со историски неуспех.

Иранските медиуми пак пренесуваат дека САД го прифатиле иранскиот план од 10 точки, кој меѓу друго, вклучува гаранции дека агресијата врз Иран нема да се повтори, дека на земјата ќе и биде исплатена оштета, дека ќе се укинат сите примарни и секундарни санкции, дека американските борбени трупи ќе се повлечат од регионот и дека земјата ќе ја задржи контролата врз Ормускиот теснец.

Со поголем дел од овие точки, САД, не се согласува.

Израел ќе продолжи со нападите на Либан

Израел, со кој САД го нападнаа Иран и предизвикаа војна на Блискиот Исток, како што пренесуваат светските медиуми, исто така, се согласил на прекинот на огнот, но тоа не ги вклучува нападите на Израел на Либан.

Засега не е јасно кога ќе започне примирјето, бидејќи Иран продолжил со напади во дел од земјите во регионот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести