Како работела ТТК Банка во третиот квартал

ТТК Банка АД Скопје во првите девет месеци од годинава, остварила нето-оперативен приход пред исправка на вредност од 82,6 милиони денари, како резултат на остварени оперативни приходи во износ од 425,6 милиони денари и оперативни трошоци во износ од 343 милиони денари, соопшти Банката преку Македонската берза.

-Во истиот период, исправката на вредност на финансиските средства на нето основа изнесува 5,5 милиони денари. Финансискиот резултат, заклучно со 30.9.2025 година, е позитивен и изнесува 76,8 милиони денари, велат од таму.

За овој период билансната сума на Банката достигнала ниво од 12.225 милиони денари, што претставува раст од 19,1% во споредба со истиот период од претходната година. Во однос на планот, билансната сума е повисока за 801 милион денари или за 7%, посочуваат од таму.

-Порастот на билансната сума на Банката е резултат на зголемувањето на изворите на средства, при што вкупната депозитна база бележи раст од 1.629 милиони денари или 8,8%.

Овој раст, главно, произлегува од зголемувањето на депозитите од секторот домаќинства за 1.036 милиони денари или 16,1%, проследено со раст и на депозитите од финансиски институции за 260 милиони денари или 53,5%, како и со раст кај стопанство за 332 милиони денари или 19,3%.

Планот за депозитите за овој период од годината е надминат за 6,6%, односно за 633 милиони денари повеќе.

Од страна на активата, годишниот раст на билансната сума се должи на зголемување на паричните средства и на паричните еквиваленти и за 728 милиони денари или 22,4%, како и на годишно зголемување кај бруто-кредитите за 470 милиони денари, односно 9%, како резултат на зголемување на кредитите од секторот домаќинства за
242 милиони денари или 6,3%, како и од растот на кредитите на стопанство за 227 милиони денари или 17,3%. Планот за бруто-кредитите на комитентите за овој период од годината е надминат за 2,9%, односно за 161 милион денари повеќе, велат од таму.

Нето-приходите од камати за овој период изнесуваат 263 милиони денари и бележат пораст од 2,7% во однос на истиот период од претходната година.

-Приходите од камати се повисоки за 9,1% во споредба со минатата година, што е резултат на поголемата кредитна активност на Банката.

Растот на каматните приходи се должи, пред сè, на зголемените приходи од секторот домаќинства и од банки и финансиски институции, при остварен раст и на приходите од камати од секторот стопанство. Во однос на планот, нето-приходите од камати се остварени со 97,1%, велат од таму.

Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги во анализираниот период изнесуваат 125,7 милиони денари.

-Со состојба на 30.9.2025 година, приходите од провизии бележат годишно зголемување од 4,4%, што се должи, пред сè, на зголемувањето на провизиите од кредитирање и провизиите од платен промет во земјата и во странство.

Доминантно учество во генерирањето на приходите од провизии има платниот промет во земјата со 47,8%, како и провизиите од картично работење со 34,1%. Во однос на планот, нето-приходите од провизии за овој период
од годината се остварени со 92,7%.

Останатите приходи од работењето на Банката изнесуваат 28 милиони денари и се повисоки во однос на минатата година, главно како резултат на реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземени средства. Во однос на планот, остварувањето изнесува со 87,8%.

Вкупните оперативни трошоци во анализираниот период изнесуваат 343 милиони денари и се за 13% повисоки во однос на истиот период минатата година, како резултат, на повисоките трошоци за плати и вработени.

Оперативните трошоци за овој период од годината се во согласност со планираното ниво, односно за 1,2% пониски.

Исправката на вредноста на финансиските средства и на посебната резерва за вонбилансна изложеност на нето-основа изнесува 5,5 милиони денари, што соодветствува со обемот, структурата и квалитетот на пласманите на Банката, велат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Како работела ТТК Банка во првото полугодие

Слаѓан Михајловски именуван за член на НО на ТТК Банка

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести