Кочанскиот пратеник Милe Лефков денеска преку својот Фејсбук профил ја информираше јавноста дека во Собранието е усвоен негов амандман со кој се обезбедуваат два милиони денари како првични средства за изработка на идејно решение и почеток на активности за спомен обележје во чест на лицата кои ги загубија животите во трагедијата во дискотеката „Пулс“.
Лефков истакнува дека оваа иницијатива е во координација со родителите на настраданите, како израз на заедничка желба болката да се преточи во достоинствено сеќавање и да се испрати јасна порака дека ваква трагедија никогаш не смее да се повтори.
Спомен обележјето ќе биде поставено во централното градско подрачје на Кочани и ќе претставува тивок сведок на болката, но и симбол на солидарност и трајна меморија.