Инцидент кој се случи за време на традционалната манифестација “Ден на пожарите“ во Лерин (Флорина), Грција, на 22. декември, стана една од главните теми во грчката, но и македонската јавност и во медиумите.
Од страна на градоначалникот на Лерин, Василис Јанакис беше прекинат настапот на грчката група „Banda Entopica“, откако тие почнаа да изведуваат и песни на македонски јазик.
Со реакција се јави и групата која меѓу друго информираше дека градоначалникот со навреди од нив побарал да престанат да пеат „такви песни“ во „неговиот град“.
Групата информираше и дека имале одобрение да изведат „две–три“ локални „ентопика“ песни кон крајот на програмата, и дека и покрај интервенцијата на градоначалникот и мал број присутни, тие решиле да продолжат со концертот заради останатата публика.
Тие не споменуваат македонски јазик и македонско малцинство.
За инцидентот реагираше и опозициската Сириза, која во реакцијата исто така не споменува македонски јазик и македонско малцинство, туку славјански. Во реакцијата инцидентот го нарече „цензура„, и “опасен сигнал за слободата на уметничко изразување“, посочувајќи за недозволиво однесување кон музичари на работно место и повика општинските структури да се огласат и да побараат јавно извинување, нудејќи и институционална/правна поддршка за бендот.
Реагираше и грчката пратеничка Теописти Пети Перка, во грчкиот Парламент, која исто така го обвини градоначалникот за „цензура“, но и таа не спомена македонски јазик и македонско малцинство.
Таа го повика градоначалникот и локалните функционери „да се помират со напредокот“ и да ги остават на страна цензурата и екстремистичките влијанија, потенцирајќи дека демократијата и културата ги прифаќаат музиката и јазикот, а не ги потиснуваат.
Реакција имаше и од Сојузот на музичари од Северна Грција, кое отцени дека станува збор за “неприфатлив чин кој директно ја нарушува слободата на уметничкото изразување и основното право на музичарите на работа и заработка“.
Од таму нагласија дека е недозволиво во денешно време музичари да бидат навредувани со вулгарен говор, да им се прекинуваат настапите и да се соочуваат со притисоци под изговорот „јас плаќам“.
Посебно се критикува образложението дека бендот изведувал „славјански алиторијални песни“, што според Сојузот укажува на сериозен недостиг од историско знаење и културно ниво кај градоначалникот и лицата околу него.
„Музиката обединува, а не разделува“, се наведува во реакцијата, со потсетување дека државните граници утврдени по војните никогаш не можат да ги ограничат културните и музичките врски меѓу народите. Како примери се наведуваат заедничките музички традиции во Тракија, Епир, Албанија, како и во пограничните области со Македонија и Бугарија.
Сојузот потенцира дека правото на самоопределување, особено преку уметноста, е неотуѓиво и неприкосновено човеково право.
Во Македонија пак немаше речи никакви реакции, ни од политичари, ни од музичари.
Фото: Влада














