Благодарение на бројни граѓани од целиот свет кои ги преплавија социјалните мрежи со фотографии на изгладнети деца од Појасот Газа, кои не потсетија на гладните во Африка од осумдесетите години на минатиот век, бројните познати светски музичари и други културни уметници, но и на бројните протести низ целиот свет, Израел, конечно дозволи влез на хуманитарна помош во окупираната територија.
Колку ќе трае тоа никој незнае. Тоа што се знае е дека е многу далеку од потребната. Имајќи во предвид што се направи таму Израел изминативе месеци, од стопирање на водата, прекин на струјата, срамнување со земја на цели градови и села, до убиства на Палестинци кои дошле да земат брашно, за да преживеат, по се изгледа ќе трае кратко. И што е најстрашно има дозвола за тоа од највлијателните земји во светот.
За жал, и понатаму во Газа умираат стотици граѓани, меѓу кои најголем број се деца, за кои хуманитарната помош неможе да направи ништо и пристигна прекасно.
Просто е неверојатно што меѓународната заедница дозволи да се случи оваа злосторство, кое го гледаме во живо и по којзнае кој пат покажа дека има двојни стандарди.
Ни една земја не го санкционираше Израел, кој во Газа врши геноцид со сите нишани, документиран, никој не го запре увозот на стоки од таа земја, туку напротив неколку земји се уште извезуваат оружје таму, никој не ги забрани настапите на уметници од таа земја, на спортистите… за разлика од Русија, која ја нападна Украина, и која е санкционирана, со право, на сите можни нивоа.
За жал, и Македонија со своите постапки покажа дека е соучесник во едно од најголемите злосторства против човештвото после Втората светска војна.
Срамно, само 16 пратеници во македонското Собрание пред неколку дена гласаа дека Израел треба да дозволи влез на хуманитарна помош во Газа, а не се прослави ни со гласањето на резолуции во Обединетите Нации, кои се однесува на Газа.
Тоа што треба на сите нас да ни биде јасно е дека во Газа не умреа само илјадници Палестинци. Умре и дел од сите нас. Оваа злосторство кое ќе сведочи дека повеќе не сме луѓе ќе го носат на грб уште многу генерации. Изгледа на човештвото повеќе му нема спас. На добар пат сме да се самоуништиме самите!
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Само 16 македонски пратеници гласаа за резолуцијата за деблокада на хуманитарната помош во Газа
Срам за човештвото, Палестинците ги убиваат додека земаат храна
Фото: Унсплеш