На денешното рочиште за пожарот во т.н. дискотека “Пулс“ во Кочани, од Основното јавно обвинителство презентираа нови материјални докази, односно планови и документи на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) за редовни и вонредни надзори на објекти со зголемен ризик од пожар.
Од истите според Обвинителство, произлегува дека ДЗС ниту планирала, ниту спровела ваков надзор во т.н. дискотека.
Презентираните документи и планови на ДЗС за периодот од 2012 до 2017 година, покажуваат дека ваков надзор имало само во еден објект во Кочани, кој не бил оценет како ризичен од аспект на противпожарната заштита, а Општината Кочани немала ни назначен инспектор кој би вршел ваков редовен или вонреден надзор.
Од документи и планови на ДЗС за тој период, според Обвинителството, се гледа и дека со надзор генерално биле опфатени хотели, мотели и други угостителски објекти, но не и дискотеки и кабаре-клубови.
Во случајот се обвинети четворица поранешни директори на ДЗС – Шабан Салиу, Аднан Џафероски, Беким Максути и Џевад Селами.
На денешното рочиште на презентацијата од страна на Обвинителството, реагираше Салиу, кој рече дека не бил негов ракописот на дел од документите на кои има негов потпис. За тоа дали некој му го фалисификувал потписот неговата одбрана најави објаснување во понатамошниот тек на постапката.
Фото: Игор Бансколиев













