Основниот кривичен суд Скопје пресуди дека Зоран Јованов, таткото на Васил Јованов, кој на булеварот „Партизански одреди„ во Скопје, ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова, не е виновен за трагедијата.
Како што е познато младиот Јованов ја усмрти Кулакова со неговиот автомобил, кој го возеше без возачка дозвола.
-Судот оцени дека кривична одговорност не може да се заснова врз самата околност што обвинетиот е сопственик на возилото и што неговиот полнолетен син управувал со тоа возило без возачка дозвола.
Законодавецот ваквото однесување изречно го регулирал и санкционирал како прекршок во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а Судот не може преку проширено толкување на кривичниот закон да создава нови облици на кривична одговорност кои законодавецот не ги предвидел.
Повторувањето на едно прекршочно однесување, само по себе, не го претвора во кривично дело. Бројот на прекршоците не може да создаде нов правен квалитет на дејствие доколку не се исполнети законските обележја на конкретното кривично дело.
Во конкретниот случај, непосреден извор на опасност и непосреден причинител на настанатата последица е полнолетниот возач како самостоен учесник во сообраќајот.
Кривичното право почива врз начелото на лична и индивидуална одговорност, поради што последиците од самостојното постапување на едно полнолетно лице не можат автоматски да му се припишат на друго лице само поради роднинска врска или поради сопственост на возилото, информираа од Судот.
Зоран Јованов првично се гонеше за предизвикување на општа опасност, а потоа за загрозување на безбедноста во сообраќајот.
Васил Јованов пак доби 13 годишна затворска казна.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Останува казната од 13 години затвор за Васил Јованов, пресече Врховен суд













