Три малолетнички во скопски Чаир нападнале 11-годишно девојче, а една од нив со мобилен телефон го снимила нападот. Видеото како и во други вакви вознемирувачки инциденти, заврши на социјалните мрежи и на портал.
Како што информираа денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР), инцидентот се случил на 20. јуни околу 14:00 часот на улицата „Павле Илиќ“ во Скопје, во близина на угостителски објект.
Случајот во полицијата вчера го пријавил таткото на нападнатото девојче.
Тој во полицијата кажал дека за настанот дознал од социјалните мрежи, а неговата ќерка не му кажала ништо поради страв да не биде нападната повторно.
Малолетничките и нивните родители биле повикани во полициска станица и по документирање на случајот за нив, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци за кривичните дела „насилство“ и „неовластено снимање“.