За прв пат во историјата, денеска е изречена затворска казна за убиство на куче. Имено, Љубе Крстевски доби првостепена пресуда со ефективна затворска казна од три месеци за убиствотвото на кучето Феликс.
„Активистите за заштита на животни повторно испишаа историја. Пресудата е жив доказ дека да се биде активен граѓанин се исплати, промените се случуваат. Кога се бориме против неправда тоа има ефект.
Судиjката Лидија Петровска при изрекувањето на пресудата рече: „Изрекувањето на ефективна казна затвор има значење за заштита на јавниот интерес и ќе превенира слични постапки во иднина. Се работи за дело што предизвика висока јавна чувствителност и морална загриженост особено во контекст на зголемениот број на случаи на суровост кон животните. Со изрекувањето затворска казна се испраќа порака дека ваквите постапки нема да се толерираат и дека секој граѓанин има обврска за хуман однос кон животните“.
Адвокатот на убијците, Горан Колев кој не ни знаел дека постои Законот за заштита и благосостојба на животните, во својот завршен збор изјави „Сепак не е човек, сепак е куче“. Горан, од убиство на куче до убиство на човек има само еден чекор! Тоа е непобитен факт!
Ќе се жалат, ама ќе се жалиме и ние. Но денес ќе славиме и ќе се сеќаваме на милиот Феликс. Ќе се сеќаваме на секое друго животно што настрадало од човечка рака. Ниедно не е заборавено. Нема да се откажеме и ќе се бориме до крај. Додека и последното живо суштество не го добие правото што му припаѓа по раѓање – да живее живот во слобода,“ порачуваат активистите.
Според обвинителниот акт, на 19 ноември 2024 година, Крстевски со тврд предмет налик на стап го нападнал кучето Феликс, нанесувајќи му удари во пределот на главата. Повредите резултирале со потрес на мозокот и хематоми. Потоа, заедно со Бранко Билбиловски, го врзале кучето со жица и го влечеле до контејнер, каде што го фрлиле, верувајќи дека е мртво.