Идните градоначалници ветуваат „брда и долини„, а повеќето општини се задолжени до гуша

Деновиве кандидатите за градоначалници што се вика ни излегуваат и од вц-шолја, ветувајќи разно-разни инфраструктурни проекти, кои треба да се секојдневие во работата на општините, а некои нудат и нови проекти, ама никој не кажува од каде ќе најде пари за нивна реализација.

За жал голем дел од општините во Македонија се уште имаат проблеми со нормално снабдување со вода, со канализација, патишта, загадување…, а една од главните прични за оваа состојба е немањето пари, па во последниве неколку години општините кои имаат механизми сами да се финансираат, земаа пари од државата. Значи ги финансираме по двапати.

Во септември, Фајнанс тинк објави анализа која покажа дека повеќето општини во земјава со долгови влегуваат во изборната трка. Тие заедно, заклучно со јуни, имаат пристигнати обврски за наплата од 3,981 милиони денари (64,7 милиони евра), или 9% од вкупно пријавените обврски на јавните субјекти.

Доколку на нив се додадат и обврските на локалните јавни претпријатија основани од општините (во износ од 6,617 милиони денари), нивното вкупно учество достигнува 25% од вкупните доспеани обврски.

Кои се најголемите должници?

Најголеми должници се општините Гостивар (693 милиони денари), Тетово (584 милиони денари), Кавадарци (228 милиони денари) и Градот Скопје (342 милиони денари).

Ако обврските се разгледаат во однос на бројот на жители, со најголеми долгови се општините Делчево, Гостивар, Василево, Желино и Кривогаштани, каде секој жител должи во просек од 14,227 до 8,820 денари.

Најоптоварени со долгови се општините Гостивар, Тетово и Кавадарци. Општините Дојран, Кратово и Старо Нагоричане навреме си ги подмируваат обврските, додека општините Центар и Долнени не доставиле податоци до јуни, стои во анализата.

Кај општините Василево, Делчево и Гостивар долговите надминуваат 50% од вкупните приходи, што укажува на голем ризик од фискална несолвентност, се посочува во анализата.

Дополнително, кај голем број општини долговите се неколкукратно повисоки од прибраните даночни приходи и реализираните капитални расходи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Шест кандидати за градоначалник на Тетово, еве кои се

Дури 18 кандидати за градоначалник на Скопје, еве кои се

Фото: Игор Бансколиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести