Западно-нилска треска регистрирана кај 55-годишник од Велес

На 15. мај кај маж на возраст од 55 години од Велес е регистрирана Западно-нилска треска, информираа од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Оваа е прв потврден случај на Западно-нилска треска во Македонија годинава.

Како што информираат од ИЈЗ, кај пациентот првите симптоми започнале со висока температура, осип, малаксаност и нарушена свест. Поради влошување на состојбата, пациентот бил хоспитализиран на Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, каде со лабораториски испитувања во Вирусолошката лабораторија при ИЈЗ биле докажани IgM антитела за West Nile вирус во ликвор.

Во моментов пациентот е во подобрена општа состојба и е под медицински надзор.

Според епидемиолошките податоци, тој не патувал надвор од државата и нема податок за контакт со лица со слични симптоми. Живее во Велес, во подрачје каде поретко се регистрираат комарци, и ретко излегувал од домот.

Согласно информациите од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Велес, на територијата на Општината во април 2026 година е спроведена редовна ларвицидна дезинсекција.

-Ризикот за населението во моментов се оценува како среден, а истиот може значително да се намали со спроведување на препорачаните превентивни мерки за заштита од убоди од комарци, велат од ИЈЗ.

Од страна на ЦЈЗ Велес е направена дезинсекција по епидемиолошка индикација.

Лани во Македонија имало два автохтони и лабораториски потврдени случаи на Западно-нилска треска. Едно лице било хоспитализирано поради појава на невроинвазивна форма на болеста.

Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести