Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека од понеделник повторно ќе сообраќаат 55 автобуси, и уште 20 автобуси до Нова година.
„На мое големо задоволство, денес остварив средба со приватните превозници. Со добра координација и заедничка волја, за помалку од 48 часа откако ја преземав функцијата градоначалник на градот Скопје, успеавме да постигнеме договор кој значи конкретен чекор напред, а тоа е дека веќе од понеделник 55 автобуси повторно ќе сообраќаат низ скопските улици.Овој потег претставува сериозен исчекор кон подобрување и стабилизирање на градскиот транспорт.Дополнително, до Нова година во системот ќе бидат вклучени уште 20 автобуси, со што јавниот превоз ќе биде целосно нормализиран,“ најави Ѓорѓиевски.
До март, во соработка со Владата и Министерството за транспорт, ќе се обезбедат уште 80 нови автобуси.
„Заедно со градскиот воз кој веќе ја започна првата фаза на реализација и со проектот БРТ, започнуваме циклус на трајно решавање на сообраќајниот хаос кој со години го оптоварува нашиот град,“ додаде тој.
Според најавите од властите градскиот воз ќе биде функционален за половина година.
„Со него, жителите од Драчево ќе стигнуваат до центарот на градот за само 11 минути, а од Зелениково за 25 минути – брзо, удобно и без застои. Ќе се воспостави синхронизација на возниот ред меѓу автобусите и возовите, со што патниците ќе добијат непречен, поврзан и ефикасен транспорт низ сите делови на градот.
Ова е прва фаза од проектот, а во наредниот период ќе се довршат и останатите две од Ѓорче Петров и Миладиновци до центарот на градот,“ изјави Ѓорѓиевски.
Фото/Град Скопје














